Рускиот претседател Владимир Путин денеска повика на решителен одговор на странските специјални служби кои, според него, се обидуваат да ја дестабилизираат Русија „помагајќи му на украинскиот режим“.
– Режимот во Киев, со директна поддршка од странски специјални служби, тргна по патот на терористичките методи, практично тоа е државен тероризам – рече Путин во видео обраќање по повод Денот на припадниците на безбедносните служби.
Тој додаде дека станува збор за „саботажа на цивилни згради, транспортна и енергетска инфраструктура, напади врз цивили и владини претставници“.
Бројни саботажи на железницата во Русија и напади со беспилотни летала му се припишуваат на Киев од почетокот на руската офанзива против Украина во февруари 2022 година, пренесува Бета.
– Треба да се запрат обидите на странските специјални служби да ја дестабилизираат политичката и социјалната ситуација во Русија – рече Путин.
Тој додаде дека безбедносните служби немаат лесна задача, но оти имаат потенцијал да ја обезбедат безбедноста на државата, општеството и граѓаните на Русија.