Покрај Самитот на НАТО и состаноците на Европскиот совет, Европската политичка заедница претставува моќен формат на кој можеме да се собереме и да го поставиме курсот на дејствување, но и сите да водиме дијалог меѓу себе – и големи и мали, изјави генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте при пристигнувањето на денешниот состанок на Европската политичка заедница во Копенхаген.
– Со оглед на се она што се случува сега кога станува збор за нашата колективна безбедност, важно е да го зачуваме нашето небо безбедно и да се осигураме дека Украина ќе остане што е можно посилна сега, но исто така и да биде во најдобра можна позиција кога еден ден, се надеваме, ќе започнат мировни преговори. Важно е да се здружиме за да го одржиме курсот – истакна Руте.
Тој потенцира дека во правец на зајакнување на безбедноста на Самитот на НАТО во Хаг во јуни годинава земјите членки на Алијансата се обврзаа да издвојат средства за трошоци за одбраната на ниво од неверојатни пет отсто од нивниот БДП.
Според него, потребата од ваквото зајакнување се потврди со последните упади на летала во воздушните простори на Полска и Естонија.
– Ние реагиравме како НАТО и го направивме точно она што требаше да направиме – да ги отстраниме заканите. Обучени сме да го правиме токму тоа. Русите го видоа тоа и беше важно да покажеме дека тоа функционира – додаде Руте.