Повод: Уште една победа на европските суверенисти, овој пат на претседателските избори во Полска
Аналитичарите сметаат дека судирот меѓу суверенистите и европските либерални елити ќе добива на интензитет и во следниот период, имајќи ја предвид поддршката што американскиот претседател Трамп им ја дава токму на оние што се борат за традиционалните вредности и за сопствените држави за сметка на глобалистичкиот пристап. Оцените на аналитичарите се дека таа борба веројатно уште ќе потрае, а она што е клучно доколку Европа сака да се стабилизира како демократски развоен, економски, социјален, енергетски и безбедносен проект, е „да се врати на сопствените корени, односно на принципите врз кои беше изградена“
Целосна ерозија на актуелните политики на Европската Унија почнува да се случува внатре меѓу земјите членки, кои вртејќи се кон суверенизмот се обидуваат истовремено да ја потсетат и самата Унија на принципите врз кои беше формирана, а кои европските либерални елити одамна ги напуштија.
Таквиот непринципиелен пристап за многу суштински работи, како околу заедничката европска монетарна политика, нарушувањето на концептот на семејството, пристапот кон војната во Украина, одредени законски решенија што задираат во суверенитетот, вклучително и нејасниот процес на проширување, неминовно водеше кон создавање отпор кон централизираните политики на европските елити, кои многу повеќе водеа сметка за интересите на одредени кругови блиски до (нео)либералните центри на моќ, занемарувајќи ги целосно потребите на европските граѓани.
Тука треба да се бараат причините за крахот на либералните гарнитури во повеќе европски земји и нивната замена со суверенистите, кои во прв план ги ставаат интересите на сопствените земји и граѓани, наспроти наметнувањето на глобалистичкиот пристап, кој не води сметка за потребите на обичните луѓе и нивното чувство за национална припадност и сопствен идентитет.
Полска врти во десно оти ЕУ не знае каде вози!
Неодамнешните претседателски избори во Полска се уште една потврда дека актуелниот европски концепт води директно кон европска дезинтеграција наместо да го зајакнува внатрешното интегрирачко ткиво во рамките на ЕУ.
Имено, десничарскиот кандидат Карол Навроцки е избран за нов претседател на Полска, победувајќи го либералниот градоначалник на Варшава, Рафал Тшасковски.
Навроцки, кој по професија е историчар, беше кандидат на опозициската конзервативна партија Закон и правда. Тој ја поддржува натамошната поддршка за Украина, но се противи на нејзиното членство во НАТО и не сака Полска да ѝ отстапува повеќе овластувања на Европската Унија, туку се залага за поголема сувереност на земјата.
Она што сега му стои на располагање, како што наведуваат повеќето европски медиуми, е да го употребува механизмот на вето секогаш кога ќе оцени дека актуелниот премиер Доналд Туск форсира проевропско-глобалистичко-наднационални политики за сметка на полските интереси.
Претседателката на француската политичка партија Национален собир, Марин Ле Пен, смета дека победата на кандидатот Карл Навроцки на претседателските избори во Полска е јасна порака до олигархијата во Брисел.
– Соочена со Европската комисија чии авторитарни политики и федералистички амбиции го брутализираат националниот суверенитет, победата на Карол Навроцки на претседателските избори во Полска е добредојдена вест. Тоа е отфрлање на бриселската олигархија, која има намера да наметне „стандардизација на законодавството“ врз земјите членки, спротивно на секоја демократска волја – рече таа во порака објавена на Икс.
Шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто рече дека изборот на Навроцки носи „нова победа за (европските) патриоти“.
Честитки упатија и САД, кои отворено го поддржаа Навроцки за време на претседателската кампања, истакнувајќи дека Полска и САД делат заеднички вредности.
Аналитичарите истакнуваат дека изборот на Навроцки е израз на длабоката поделеност во полското општество, кое разочараноста од лошите политики на ЕУ на некој начин ја артикулираше така што гласаше за кандидатот што се залага полските интереси да бидат над оние од Брисел.
Отстранување на политичките противници
Победа на суверенистичкиот кандидат во првиот круг имаше и на претседателските избори во Романија, но по директното вмешување на Брисел тие избори беа поништени и на повторените избори победи проевропскиот кандидат Никушор Дан. Тој иако во првиот круг освои само 21 отсто од гласовите за разлика од неговиот противкандидат Георге Симион, кој ја доби поддршката од 41 отсто од гласачите, во вториот круг успеа да победи на големо изненадување, а Симион рече дека пресвртот е резултат на изборна измама.
Слична судбина пред извесно време ја снајде и партиската лидерка во Франција, Марин Ле Пен и водечка кандидатка да стане идна претседателка на Франција, која откако анкетите покажаа силен раст на нејзината популарност меѓу француските гласачи, доби забрана да се кандидира за јавна функција во наредните пет години затоа што нејзината политичка партија и таа самата (во една, најблаго рчено, чудна судска одлука) беа осудени за проневера на милиони евра европски пари.
Како што пишува „Њујорк тајмс“, Ле Пен е осудена на казна затвор од четири години од кои две се условни, а две може да ги отслужи во куќен притвор, и казнета е со парична казна од 100 илјади евра или 108 илјади долари. Таа ќе ја обжали пресудата со што и затворската казна и паричната глоба што треба да ја плати се ставаат „на чекање“. Во секој случај, нема да може да учествува на следните претседателски избори во Франција.
Натаму, чудни европски замешателства имаше и за време на референдумот во Молдавија минатата година, кога во последен момент со контингенти гласови од странство беше изгласан проевропскиот курс на земјата и вметнат во уставот на таа земја. Брисел за тесниот исход ја обвини Москва, но она што пред референдумот можеше да се забележи меѓу Молдавците е разочараноста од празните европски ветувања веќе со години.
Впрочем, Македонија е константен пример за прекршување на европските принципи кога наместо сработеното да се цени според мериторни критериуми, се внесуваат билатерални пречки, кои целосно го оневозможуваат пристапниот процес. Тоа го гледаат сите кандидати и не сакаат да поминуваат низ истата голгота како Македонија.
Холандската влада падна оти се диктираа политики од други центри
Дури и легитимниот избор на суверенистички ориентираните влади во некои европски држави избрани како одраз на народната волја, либералните елити се обидуваат да го опструираат така што во владината коалиција инсталираат свои сателити што ќе ги контролираат конзервативните политики и на тој начин ќе ги задржат влијанието и контролата над процесите внатре.
Тоа беше причината за падот на холандската влада пред два дена. Иако холандската Партија на слободата победи на изборите, на лидерот на оваа партија, Герт Вилдерс, токму поради притисоците од европските либерални кругови не му беше дозволено да стане премиер поради неговите политички ставови, кои се косат со глобалистичкиот европски пристап за многу прашања. По една година влада што идеолошки не можеше да се усогласи околу интересите на Холандија и оние на ЕУ, Вилдерс пресече така што стави крај на оваа холандска влада, која очигледно вештачки се одржуваше.
– Нема потпис за нашите планови за азил. Нема корекција на рамковниот договор. Партијата на слободата ја напушта коалицијата – напиша Вилдерс на социјалната мрежа Икс.
Иднината на суверенистичката, десно ориентирана влада, предводена од независниот премиер Дик Схоф, беше неизвесна уште по итниот состанок на лидерите на коалицијата во понеделникот вечерта кога се разговараше за политиката за азил. Тогаш Вилдерс изрази песимизам за опстанокот на коалицијата, која е на власт помалку од една година.
Сето ова говори за сѐ поизразениот конфликт внатре во Европа меѓу суверенистите и либералните елити, кои и натаму туркаат идеи што само го потхрануваат граѓанското незадоволство, без оглед дали се работи за земји членки на Унијата или, пак, за земји кандидати.
И неодамнешната анкета на Евробарометар потврди дека непринципиелните европски политики го зголемуваат евроскептицизмот, особено во оние земји што се принудени да се откажуваат од сопствениот суверенитет во замена за напредување во преговарачкиот процес со ЕУ.
Аналитичарите сметаат дека судирот меѓу суверенистите и европските либерални елити ќе добива на интензитет и во следниот период, имајќи ја предвид поддршката што американскиот претседател Трамп им ја дава токму на оние што се борат за традиционалните вредности и за сопствените држави за сметка на глобалистичкиот пристап. Оценките се дека таа борба веројатно уште ќе потрае, а она што е клучно доколку Европа сака да ја смири, тоа е да се врати на сопствените корени, односно на принципите врз кои беше изградена. Наметнувањето политики што не се во согласност со националните курсеви, несомнено уште повеќе ќе ги продлабочи судирите што ќе водат кон целосно завртување на земјите сами кон себе, што на крајот ќе резултира и со напуштање на европската идеја.
Ширењето на идеологијата на трампизмот
Трамп и неговите следбеници се зафатија со демонтирање на глобалистичкиот систем, со приоритет во Европа
Најизненадувачкото нешто што ги збуни ЕУ-елитите е брзината со која Трамп и трампистите почнаа да ја спроведуваат својата идеологија на меѓународно ниво. Токму од најтесното опкружување на Трамп, набргу по изборите во САД, тие започнаа кампањи наклонети кон европските суверенисти, традиционалисти и антиглобалисти. Во Германија, тоа беше наклонот кон Алтернатива за Германија и нејзината лидерка Алис Вајдел, во Британија кон Најџел Фараж, а кон Марин Ле Пен во Франција. Тогаш, европските глобалисти покажаа видливи знаци на збунетост за „директната поддршка на САД на европската политика наклонета кон антиглобалистите, а против либералите“. Очигледно е дека Трамп и неговите следбеници се зафатија со демонтирање на глобалистичкиот систем – првенствено во Европа – и инсталирање и поддршка на суверенистичките лидери што ги делат идеите и стратегиите на трампистите. Најкомпатибилни на оваа идеологија и модел во кој се вклопуваат беа Унгарија на Орбан, Словачка на Фицо и Италија на Мелони, односно оние режими што веќе се обложуваа на традиционалните вредности и, со различен степен на непоколебливост, но во спротивност со глобалистите.
Но за издвојување е сѐ поочигледната состојба во која Трамп и официјален Вашингтон активно поддржуваат и политички движења и групи што имаат намера да ја сменат неолибералната власт во други европски земји. На пример, трампистите водат различни кампањи против Кир Стармер во Велика Британија. Истото се случува и во Франција и во Германија, каде што се отвораат вистини за одредени луѓе и настани (на пр. Макрон), чии поведенија направиле стравотна штета на демократиите во своите земји, но и на други земји во Европа (вклучително и Македонија), наметнувајќи им неолиберални политики и исти такви решенија внатре во нивните внатрешни, национални политички и правни системи.
– Европа до скоро проамериканска, поточно пробајденова. Но сега Вашингтон го менува својот идеолошки курс, ако не за 180, тогаш барем за 90 степени. И таквата суровост им изгледа болна на европските елити. Но процесот започна: трампистите ги демонтираат политиките на либералите и глобалистите во Европа, токму според Хантингтоновите постулати. На трампистите им е потребен консолидиран нелиберален Запад, но секако, како интегрирана геополитичка и идеолошко различна од досегашната цивилизација. Всушност, зборуваме за создавање полноправна американска империја – велат нашите соговорници, професори, во врска со прашањето на „политичкото пенетрирање на идеологијата на трампизмот во Европа и последиците од тоа на Стариот Континент, трансформацијата на Европа и можното реструктурирање на ЕУ во наредниот среднорочен период… С.Т.