Претседателот на САД им нареди на американските агенции да ја отстранат „родовата идеологија“ од договорите и од веб-страниците
Администрацијата на Трамп им нареди на американските федерални агенции да ги избришат референците за „родовата идеологија“ од договорите, описот на работните места и сметките на социјалните мрежи во согласност со извршната наредба со која владата ги принудува да признаат само два пола!
Меморандум испратен во средата од Канцеларијата за управување со персоналот на САД се обидува да ја спроведе наредбата на претседателот Доналд Трамп со која се бара од федералните агенции да „признаат дека жените се биолошки жени, а мажите се биолошки мажи“.
Наредбата е дел од поширокиот зафат на Трамп во кој традиционализмот се судира со неолиберализмот.
Трамп минатата недела рече дека јавните средства нема да се користат за промовирање на „родовата идеологија“.
Администрацијата на Трамп, исто така, ќе се обиде да го ограничи „опсегот на правата на трансродовите“ што произлегува од одлуката на Врховниот суд на САД од 2020 година, во која Високиот суд утврди дека заштитата на граѓанските права од дискриминација „врз основа на пол“ се применува на сексуалноста и родовиот идентитет.
Според директивата на Трамп, „агенциите мора да ги прегледаат сите описи на работните места и да го испратат секој вработен чиј опис на работното место вклучува промовирање родова идеологија“ на одмор до дополнително известување, се наведува во меморандумот.
Од агенциите се бара „да ги исчистат и веб-страниците и сметките на социјалните мрежи што промовираат родова идеологија“. Исто така, со наредбата на Трамп, се наложува „интимните простори“ наменети за мажи или жени „да бидат обележани со биолошки пол, а не со родов идентитет“.
Трамп во вторникот нареди стопирање на целокупното федерално финансирање или поддршка за здравствена заштита за трансродовите млади луѓе, поврзана со „забраната на трансродовите лица да служат во вооружените сили“.
Трампизмот како постлиберализам
Сега веќе, многу бргу по инаугурацијата на Трамп, и по потпишувањето низа наредби, се препознаваат контури на трампизмот како идеологија. И потпретседателот Венс во овој контекст се нарекува себеси трампист и „постлиберал“. Ова значи целосен прекин со досегашниот либерализам што владееше во САД во последните децении. Трамп, според она што тој цврсто го застапува, очигледно е подготвен да направи темелна ревизија на (нео)либералната идеологија, а можеби и целосна нејзина демонтажа. Аналитичарите нагласуваат дека „трампизмот добива карактеристики на посебна независна идеологија, на многу начини директно спротивставена на американскиот (и светски) либерализам што доминираше до неодамна.
– Трампизмот како идеологија е хетероген и има неколку пола. Но неговата општа структура е веќе повеќе или помалку јасна. Како прво, трампизмот го негира глобализмот. Тој отворено го отфрла глобализмот, односно размислувањето дека „целото човештво е како единствен пазар и културен простор, каде што границите меѓу националните држави сѐ повеќе се бришат, а самите овие држави постепено се укинуваат, пренесувајќи ги овластувањата на наднационалните власти (на пример, како што е сега Европската Унија). Трампизмот со индигнација го отфрла ставот на глобалистите, кои сметаат дека „глобализацијата природно треба да доведе до формирање светска влада“ (за што зборуваат Клаус Шваб, Бил Гејтс и Џорџ Сорос). Сето ова е целосно неприфатливо за Трамп и трампизмот.
Наместо тоа, според аналитичарите, „трампизмот како идеологија ќе инсистира на зачувување на националните држави или нивна интеграција во цивилизациите“ – барем во контекст на западната цивилизација, каде што улогата на САД е „да го соберат Западот околу себе“.
Но овој пат тие ќе се обединат не под покровителство на либералната глобалистичка идеологија, туку под покровителство на самиот – трампизам. Ова многу потсетува на оригиналната порака на С. Хантингтон, кој се залагаше за консолидација на Западот наспроти другите цивилизации. Генерално, ова одговара на „реализмот“ во меѓународните односи, кој го признава националниот суверенитет и не бара негово укинување. Отфрлањето на глобализмот резултира со критики за вакцинацијата и зелената агенда. (Токму во овој случај, според трампизмот, личности како Бил Гејтс и Џорџ Сорос се метафора на „чистото зло“).
Каде конкретно се судираат тектонските плочи на трампистите и либералите?
Аналитичарите издвојуваат неколку точки преку кои се идентификуваат либералите: во родовата политика и легализацијата на „различностите“; во критичката теорија за расата, која ги повикува претходно угнетените народи да им се одмаздат на белците; во поттикнување на миграцијата, вклучувајќи и илегалната миграција; во дозволеноста на т.н. либерална цензура; во постмодернизмот итн.
Наместо овие неолиберални и антитрадиционални вредности на либералите, трампизмот повикува на свртување кон традиционалните вредности (и за САД и западната цивилизација). Имено, наместо родовата теорија за повеќе пола, трампизмот прокламира само два природни пола. Трансродовите луѓе и ЛГБТ*-заедницата се сметаат за „маргинални перверзии“ наместо како социјална норма. Натаму, во трампизмот како идеологија, „феминизмот и неговата бесна критика на машкоста и патријархатот се отфрлаат“, што значи дека мажественоста и улогата на мажите во општеството се враќаат на нивната централна позиција.
– Никој повеќе не треба да се извинува што е маж. Затоа трампизмот понекогаш се нарекува „револуција на мажите“. Критичната теорија на расата се заменува со рехабилитација на белата цивилизација. Но белиот расизам е карактеристичен само за екстремните струи на трампизмот, толкуваат аналитичарите.
Натаму, „трампизмот бара строги ограничувања на миграцијата и целосна забрана на илегалните имигранти со нивна депортација“. Трампистите бараат единствен национален идентитет: се претпоставува дека сите оние што доаѓаат во западните општества од други цивилизации и култури се обврзани да ги прифатат традиционалните вредности на вторите, а не да останат сами, како што инсистира либералниот мултикултурализам. Трампизмот е особено остар кон илегалните имигранти и протокот на мигранти од Латинска Америка, кои брзо ја менуваат етничката рамнотежа во цели држави, каде што Латиноамериканците стануваат мнозинство. Покрај тоа, трампизмот како идеологија „е загрижен за исламските заедници, кои исто така постојано растат и категорично не ги прифаќаат западните ставови и барања (особено ако се земе предвид дека либералите не го бараа тоа од нив, туку, напротив, на секој можен начин им се препуштаа на малцинствата)“ Р.С.
Трампизмот на француски начин
Ле Пен: Франција треба да го следи примерот на Трамп
Лидерката на француската десница Марин Ле Пен изјави дека „Франција треба да заземе цврст пристап кон земјите што одбиваат да примат депортирани лица“. Таа го наведе примерот на американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот решителен потег по кој Колумбија ги прифати депортациите, односно враќање на колумбиските илегални емигранти назад, во својата матична земја.
Според западните медиуми, „Ле Пен посочила дека Франција треба да преземе слични мерки кон Алжир, како што направи Трамп кон Колумбија“.
Таа во интервју за француската телевизија рече дека Франција треба да биде „поагресивна со поранешните колонии како Алжир“, користејќи ја тактиката на Трамп за „воведување санкции и царини за да ги принуди да прифатат депортации“.
Според неа, „доколку Алжир не се согласи да соработува, Франција треба да го блокира трансферот на пари и да ги суспендира визите за Алжирците и нивните политички лидери“.
Ле Пен нагласи дека Трамп успешно ги имплементирал тие мерки во првите денови на функцијата и го критикуваше францускиот министер за внатрешни работи Бруно Ретајо дека не направил доволно за регулирање на предимензионираната илегална имиграција во Франција.