Фото: ЕПА

Претседателот на САД, Доналд Трамп, потпиша извршна наредба со која се воведуваат глобални царини од 10 проценти, откако Врховниот суд вчера ги укина тарифите што тој ги воведе минатиот април.

– Голема чест ми е да потпишам во Овалната соба глобална тарифа од 10 проценти за сите земји, која стапува во сила речиси веднаш – напиша Трамп на Truth Social, пренесе МИА.

Неколку часа пред потпишувањето, тој ја најави мерката, нагласувајќи дека новите тарифи ќе бидат „дополнителни на нормалните тарифи што САД веќе ги наплаќаат“.

Трамп истакна дека тарифите се воведуваат врз основа на Член 122 од Законот за трговија од 1974 година, кој му овозможува на претседателот да наметне привремени трговски тарифи за справување со проблеми во платниот биланс.

Оваа одлука следи по пресудата на Врховниот суд, кој ги поништи претходните царини воведени минатиот април. Тогашниот пакет опфаќаше десетици земји и се темелеше на Законот за меѓународни економски овластувања во вонредни состојби од 1977 година. Судот оцени дека законот му дозволува на претседателот да ја регулира надворешната трговија во услови на национална вонредна состојба, но не и да воведува царини.