Фото: Принтскрин

Американскиот претседател Доналд Трамп, вечерва на прес конференција изјави дека очекува војната со Иран да заврши „многу скоро“, но истовремено нагласи дека конфликтот може да претставува и „почеток на градење нова држава“, објави „Си-би-ес Њуз“.

Трамп говореше пред новинарите во неговиот голф-клуб во близина на Мајами, на својата прва формална прес-конференција откако САД и Израел започнаа напади врз цели во Иран. Според него, американската војска веќе направила значителен напредок во исполнувањето на поставените воени цели.

– Многу сме горди што сме дел од оваа операција и верувам дека таа ќе заврши многу скоро. Ако конфликтот повторно се разгори, тогаш ударите ќе бидат уште посилни – изјави Трамп.

Тој додаде дека американските сили веќе постигнале „големи резултати“ на теренот и дека дел од воените цели се практично исполнети.

– Некои луѓе би рекле дека нашите воени цели се речиси целосно реализирани. Ги уништивме иранските воени капацитети во голема мера – рече Трамп, додавајќи дека сепак постојат и други важни цели кои сè уште не се погодени.

Според него, дел од тие цели се поврзани со клучна инфраструктура, како што се електроенергетски капацитети и други стратешки објекти. Во изјава за американските медиуми претходно истиот ден, Трамп изјави дека конфликтот може да се гледа и како „почеток на градење нова држава“.

– Може да се каже и дека ова е почеток. Почеток на создавање нова држава – изјави тој, осврнувајќи се на промените што, според него, се случуваат во Иран.

Неговата изјава доаѓа во време кога во Иран беше именуван нов врховен лидер, ајатолах Мојтаба Хамнеи, син на претходниот лидер кој беше убиен на првиот ден од американско-израелската воена операција.

Трамп изрази незадоволство од изборот, оценувајќи дека тоа може да значи продолжување на истата политика во земјата. И покрај тоа, американскиот претседател нагласи дека повеќе би сакал лидерот на Иран да биде избран од внатрешен процес, наместо да биде наметнат однадвор, со цел да не се повтори сценариото од Ирак по инвазијата во 2003 година.

Во меѓувреме, Трамп предупреди дека Иран би можел да се соочи со „непресметлива цена“ доколку се обиде да го наруши глобалното снабдување со нафта, особено преку теснецот Ормуз – една од најважните поморски рути за транспорт на нафта во светот.

– Нема да дозволам терористички режим да го држи светот како заложник и да се обиде да го запре снабдувањето со нафта – изјави тој.

Трамп додаде дека САД се подготвени да обезбедат политичко осигурување за танкерите што пловат во Персискиот Залив, а доколку е потребно, американската морнарица би можела и директно да ги придружува бродовите низ теснецот Ормуз.

– Ако Иран направи нешто за да го блокира протокот на нафта, цената што ќе ја плати ќе биде непресметлива – предупреди Трамп.

Конфликтот веќе има значително влијание врз глобалните пазари. Од почетокот на војната, цените на нафтата нагло пораснаа, додека финансиските пазари бележат зголемена нестабилност. Сепак, пазарите привремено реагираа позитивно по изјавите на Трамп дека постои можност за стабилизирање на ситуацијата.

Американскиот претседател на прес конференцијата откри и дека разговарал со рускиот претседател Владимир Путин, кој понудил предлози за побрзо завршување на конфликтот. Според информациите од Кремљ, во разговорот биле разгледани можности за деескалација и дипломатски решенија кои би можеле да доведат до крај на војната.

Во конфликтот досега загинаа седум американски војници. Запрашан колку жртви е подготвен да прифати во оваа војна, Трамп одговори дека секој вооружен конфликт носи ризик од човечки загуби.

– Кога има вакви конфликти, секогаш има жртви – рече тој. Трамп додаде дека разговарал со семејствата на загинатите војници и дека тие го охрабриле да ја доврши започнатата операција во Иран.