Фото: Принтскрин

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денеска повтори дека е „прилично јасно“ дека Уставот на САД не му дозволува да се кандидира и за трет претседателски мандат, и истакна дека е „штета што е така“.

– Врз основа на она што го прочитав, претпоставувам дека не ми е дозволено да се кандидирам, па ќе видиме што ќе се случи – рече Трамп пред новинарите во авионотна пат за Јужна Кореја, каде што ќе присуствува на регионален самит.

Трамп наведе дека е на највисоко ниво во анкетите и оти е штета што не му е дозволено повторно да се кандидира.

Претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, ја отфрли можноста за трет мандат на Трамп, нагласувајќи дека секоја промена на Уставот би била можна дури откако Трамп ќе ја напушти функцијата.

Трамп и претходно зборуваше за трет мандат, а во Овалниот кабинет се изложени капи со неговото име за 2028 година. Шпекулациите беа дополнително поттикнати во интервјуто со Стив Бенон, поранешен советник и инфлуенсер на МАГА („Да ја направиме Америка повторно голема“), кој тврдеше дека „постои план“ за трет мандат, што некои функционери на Белата куќа го оценија како обид на Бенон да привлече внимание.

Инаку, 22-от амандман на Уставот на САД, усвоен во 1947 година, предвидува дека никој не може да биде избран повеќе од два пати на функцијата претседател.

Една од претпоставките беше дека Трамп (79) за три години би можел да се кандидира за потпретседател, додека актуелниот потпретседател Џеј Ди Венс би можел да биде негов кандидат за претседател, но Трамп во понеделникот ја отфрли таа можност.