Поранешниот американски претседател Доналд Трамп продолжи да го критикува ФБИ поради неодамнешниот претрес на неговата вила, тврдејќи дека агентите „претурале“ низ плакарите со гардероба на неговата сопруга Меланија, истакнувајќи низа теории на заговор за безбедносната агенција на неговата „социјална мрежа за вистина“, пренесува „Њузвик“.
– ФБИ има долго немилосрдно минато на корумпираност. Сега вршат рација во мојот дом, воведуваат забрана за моите адвокати и без да дозволат сведоци ја пробиваат бравата што побараа да се постави врз просторот за складирање, што им го покажавме, а во кој се документите што можеа да ги земат пред неколку месеци, без прашање. Целиот свет гледаше како ФБИ претура низ куќата, вклучувајќи ги плакарите и облеката на поранешната прва дама, без надзор, Тие дури бараа и да бидат исклучени сигурносните камери, што го одбивме, но немаше начин да знаеме дали беше легитимно тоа што го одземаа, или имаше „подметнување“. Тоа, сепак, е ФБИ – напиша Трамп на неговата социјална мрежа.
Трамп сподели и објави што вклучуваат теории на заговор за ФБИ и администрацијата на поранешниот американски претседател Барак Обама, а го повтори и тврдењето оти истрагата претставува политички напор за спречување на неговата кандидатура на претседателските избори во 2024 година.
ФБИ при претресот одзема низа доверливи документи, вклучувајќи ги и они со назнаки – „врвна тајна“ и „осетливи инфирмации“, од вилата на Трамп на Флорида минатиот понеделник, според судските документи објавени во петокот, според „Њузвик“.
Во налогот што беше јавно објавен, се наведуваат можни прекршоци на три федерални закони, вклучувајќи го и актот за шпионажа според кој објавувањето на информации што можат да ѝ наштетат на националната безбедност на САД претставува криминално дело.
Извори на „Њузвик“ истакнуваат дека претресот главно се засновал врз инфромации од доушник што бил во можност да ги идентификува осетливите документи што Трамп наводно ги сокрил, како и нивната локација.
Поранешниот американски претседател тврдеше дека сите документи запленети од ФБИ биле декласифицирани. При претресот била присутна адвокатката на Трамп, која потпишала и два списока што евидентираат што било одземено од страна на агентите на ФБИ.