Фото: ЕПА

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека во заедничките американско-израелски напади во саботата биле убиени потенцијалните наследници на врховниот лидер на Иран.

За Еј-би-си њуз (ABC News), Трамп рече дека операцијата имала значително влијание врз иранското раководство и врз можната транзиција на власта по смртта на Али Хамнеи.

-Нападот беше толку успешен што ги елиминираше повеќето кандидати – рече тој во разговор со новинарот Џонатан Карл.

-Нема да биде ниту еден од оние за кои размислувавме бидејќи сите се мртви. Вториот и третиот на листата се мртви.

Трамп се осврна и на претходни наводи за заговори против него.

-Јас го средив пред тој да ме докрајчи мене. Тие се обидоа двапати. Па, јас го средив прв – изјави Трамп.

Во 2024 година, Министерство за правда на САД соопшти дека се поднесени федерални обвиненија поврзани со спречен заговор за убиство на Трамп во пресрет на претседателските избори. Според судските документи, иранските власти наводно побарале од осомничениот Фархад Шакери да го следи и подготви атентатот. Изјавите на Трамп доаѓаат во период на засилени тензии меѓу Вашингтон и Техеран, додека вниманието на меѓународната јавност е насочено кон можниот развој на настаните во Иран по смртта на Хамнеи.