Американските аналитичари предвидуваат дека лојалноста на кандидатите кон Трамп ќе биде наградена при процесот на назначување, со што веќе се идентификувани неколку блиски сојузници на новиот претседател што би можеле да добијат високи функции. При изборот ќе биде земена предвид и визијата на Трамп за „Америка на прво место“
Познати можните кандидати за функции во администрацијата на новиот претседател на САД
Транзицискиот тим на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп веќе почна да врши селекција на потенцијалните кандидати за клучни позиции во неговата администрација, откако тој ќе ја преземе претседателската функцијата по вторпат во јануари.
– Додека тој ги избира најдобрите луѓе да му се придружат на неговиот табор и најдобрите политики што треба да ги следи, неговиот транзициски тим ќе обезбеди спроведување на агендата на претседателот Трамп почнувајќи од првиот ден – рекоа во изјавата копретседателите на транзицискиот тим, Линда Мекмахон и Хауард Лутник.
Американските аналитичари предвидуваат дека лојалноста на кандидатите кон Трамп ќе биде наградена при процесот на назначување, со што веќе се идентификувани неколку блиски сојузници на новиот претседател што би можеле да добијат високи функции. При изборот ќе биде земена предвид и визијата на Трамп за „Америка на прво место“.
– Секоја селекција или очекуван избор досега има една заедничка карактеристика: ултралојалност кон Трамп, особено за време на периодот по првиот мандат. Секој кандидат е познат по тоа што оддава претерано голема почит кон Трамп во телевизиските интервјуа, што новоизбраниот претседател го обожава – наведува „Си-ен-ен“.
Во продолжение е наведен преглед на главните кандидати за некои од клучните позиции во одбраната, разузнавањето, дипломатијата, трговијата, имиграцијата и креирањето на економската политика.
Сузи Вајлс
Веќе именувана на позицијата шефица на кабинетот на Трамп е Сузи Вајлс, нашироко почитувана оперативка на Флорида, која помогна во раководење на кампањата на Трамп во последните две години, избегнувајќи го медиумското внимание. Трамп имаше четворица шефови на кабинетот за време на неговиот прв мандат.
Шефот на кабинет историски се смета за втора најмоќна улога во Вашингтон, зад самото претседателство. Како и другите позиции во Белата куќа, не бара потврда.
Стивен Милер
Стивен Милер служеше како висок советник на Трамп во текот на неговиот прв мандат на функцијата, а се очекува тој повторно да ѝ се приклучи на Белата куќа во слично својство.
Милер беше архитект на некои од имиграциските политики на Трамп во првиот мандат, вклучувајќи ја и наредбата за забрана на патувањата во САД од неколку мнозински муслимански земји. Се претпоставува дека тој ќе има клучна улога во исполнување на ветувањата на Трамп за масовни депортации и за сериозно ограничување на протокот на мигранти во земјата.
Марко Рубио
Марко Рубио е во игра за функцијата државен секретар, според повеќе извори. Тој служеше во Комитетот за надворешни односи на Сенатот и како врвен републиканец во Комитетот за разузнавање на Сенатот. Тој беше во најтесниот круг кандидати за потпретседател на Трамп.
Мајк Волц
Мајк Волц е армиски ветеран што отворено зборува за својата подготвеност да служи во администрацијата на Трамп. Тој може да биде избран за секретар за одбрана или да го води Одделот за ветерани.
Ричард Гренел
Ричард Гренел му е лојален сојузник на Трамп, кој претходно беше амбасадор во Германија и вршител на должноста директор на разузнавањето на САД. Овој пат, тој би можел да биде подготвен за позначајна функција, бидејќи изворите велат оти е во комбинација за потенцијално да го води Стејт департментот. Гренел, кој важи за голем познавач на состојбите на Балканот, неодамна му се придружи на Трамп за време на средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски и беше активно присутен во изборната кампања.
Скот Бесент
Скот Бесент, клучен економски советник на Трамп, нашироко се смета за главен кандидат за секретар за финансии. Тој е долгогодишен инвеститор на хеџ-фондови и предавал на Универзитетот „Јејл“ неколку години. Бесент има топол однос со новоизбраниот претседател. Бесент исто така зборуваше позитивно за употребата на тарифите од страна на Трамп како алатка за преговори. Тој ја пофали економската филозофија на новоизбраниот претседател, која се потпира на скептицизмот, на регулативите и на меѓународната трговија.
Илон Маск
Милијардерот Илон Маск стана еден од најгласните поддржувачи на Трамп оваа изборна сезона и тој треба да ги искористи придобивките со тоа што ќе биде влијателна фигура во следната администрација. Сопственикот на компаниите „Тесла“ и „Спејс екс“, како и на социјалната мрежа Икс, Маск, не се очекува да има позиција во кабинетот и сè уште не е јасно дали тој ќе има формална функција. Тој рече дека би бил заинтересиран да служи во комисија за намалување на владините трошоци. Во секој случај се очекува тој да го советува Трамп за имиграцијата, електричните возила и за регулативата. „Њујорк тајмс“ објави дека Маск препорачал некои вработени од „Спејс екс“ за владини работни позиции.
Роберт Ф. Кенеди Помладиот
Трамп отворено зборуваше за тоа дека би можел на Роберт Ф. Кенеди Помладиот да му даде важна улога поврзана со „здравјето и храната“. Се очекува позицијата да биде поврзана со надгледување на регулативите за здравството и храната.
Кенеди веќе сигнализираше како може да се обиде значително да ја преобликува политиката за јавно здравје, без оглед на неговата улога. Тој рече дека администрацијата на Трамп ќе повика на отстранување на флуорот од водата за пиење во земјата, одлука што обично се носи на локално ниво. Исто така напомена дека „цели оддели“ на Администрацијата за храна и лекови треба да се елиминираат и дека ќе бара повеќе податоци за вакцините. Р.С.