Фото: Фејсбук/Доналд Трамп

Поранешниот американски претседател и републикански претседателски кандидат Доналд Трамп изјави дека денеска во Њујорк ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Тој им рече на новинарите дека ќе се сретне со Зеленски во кулата Трамп на 5-та авенија на Менхетен.

Зеленски, кој вчера се сретна со американскиот претседател Џо Бајден и со американскиот потпретседател и кандидат на демократите Камала Харис, го продолжи престојот во САД за да се сретне со Трамп

Трамп минатата недела рече дека „веројатно“ ќе се сретне со Зеленски за време на неговата посета на САД. Сепак, официјален претставник од изборниот штаб на Трамп во вторникот за Политико потврди дека средбата не е закажана.

Украинскиот лидер го налути Трамп со посетата на фабрика за муниција во Скрентон, во клучната држава Пенсилванија, во неделата.

За време на митингот во Пенсилванија во понеделникот, Трамп го обвини Зеленски дека сака Харис да победи на изборите и го опиша како „најголемиот продавач во историјата“.

Инаку, Зеленски ги претстави клучните точки од „планот за победа“ за време на средбата со делегација на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес составена од претставници на републиканците и демократите.

Веста за оваа средба Зеленски ја објави на својот Фејсбук профил, наведувајќи дека ги претставил клучните точки од планот што ќе овозможи зајакнување на Украина на патот кон мирот.

„Ние сме во одлучувачки момент во оваа војна. Затоа ни треба навистина силен притисок и силна позиција на Украина“, рече украинскиот претседател.