Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД би можеле да го уништат иранското гасно поле Јужен Парс доколку Иран повторно изврши напади врз постројките за течен природен гас во Катар, пренесува Ројтерс.
Трамп на социјалната мрежа Truth Social наведе дека Израел претходно нападнал дел од гасното поле, но дека САД не биле информирани за таа акција, додавајќи дека Катар немал никаква улога во нападот.
Според него, Иран потоа „неоправдано и неправедно“ нападнал дел од катарска постројка за ЛНГ, бидејќи не бил запознаен со околностите.
– Не сакам да го одобрам ова ниво на насилство и разурнување поради долгорочните импликации, но ако катарскиот течен природен гас повторно биде нападнат, нема да се двоумам да го сторам тоа – порача Трамп.
Тој додаде дека Израел повеќе нема да врши напади поврзани со гасното поле, освен ако Иран повторно не ги нападне катарските енергетски капацитети.
Изјавите доаѓаат во услови на зголемени тензии на Блискиот Исток и меѓусебни напади меѓу регионалните актери, што дополнително ја зголемува загриженоста за стабилноста на глобалниот енергетски пазар.
































