Фото: ЕПА / Илустрација

Американскиот претседател Доналд Трамп, по тридневните разговори меѓу Вашингтон и Киев во Флорида, синоќа изјави дека претседателот на Украина, Володимир Зеленски, „не е подготвен“ да го потпише мировниот предлог на САД со цел ставање крај на војната со Русија.

– Малку сум разочаран што претседателот Зеленски сè уште не го прочитал предлогот, тоа беше пред неколку часа. На неговиот народ му се допаѓа, но тој не го направил – рече Трамп синоќа во разговор со новинари.

Трамп додаде дека Русија, како што верува, се согласува со предложениот договор, но дека не е сигурен дали предлогот му одговара и на Зеленски. Рускиот претседател Владимир Путин јавно не го одобри планот на Белата куќа, а американските пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер се сретнаа со него во Кремљ минатата недела, но не успеаја да постигнат јасен напредок.

Од друга страна, преговорите меѓу американските и украинските функционери завршија во саботата без очигледен напредок, а Зеленски ги нарече разговорите „конструктивни, иако не и лесни“, наведува „Гардијан“.

Коментарот на Трамп доаѓа пред денешниот состанок на Зеленски во Лондон со премиерот на Велика Британија, Кир Стармер, и лидерите на Франција и Германија.