Американскиот претседател Доналд Трамп во ексклузивен телефонски разговор за Би-би-си изјави дека е разочаран, но се уште не „завршил“ со Владимир Путин.
На прашањето дали му верува на рускиот претседател, Трамп одговори: „Не му верувам на речиси никого“.
До разговорот за британскиот јавен сервис дојде само неколку часа откако американскиот претседател ја објави најавената „важна вест“ за испорака на оружје во Украина и се закани со строги царини за Русија доколку не постигне договор за прекин на огнот во рок од 50 дена.
Во обемно интервју од Овалната соба, Трамп, исто така, ја изрази својата поддршка за НАТО, иако претходно Алијансата ја нарече застарена, и ја потврди својата посветеност на принципот на заедничка одбрана во нејзините рамки.
Разговорот, што траеше 20 минути, следеше по договорот за можно интервју на годишнината од обидот за атентат врз Трамп за време на предизборен митинг во Батлер, Пенсилванија.
На прашањето дали преживувањето на атентатот го променило, Трамп одговори дека се обидува да размислува за тоа што е можно помалку.
-Не сакам да размислувам дали тоа ме променило мене – рече Трамп.
-Размислувањето за тоа може да промени цел живот.
По средбата со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во Белата куќа, Трамп поголемиот дел од разговорот го посвети на изразување на своето разочарување од Путин.
Тој рече дека во четири наврати верувал дека договор со Русија е на повидок.
На прашањето на Би-би-си дали целосно се откажал од Путин, Трамп рече: „Разочаран сум од него, но не сум завршил со него. Но, разочаран сум.“
На прашањето како планира да го натера Путин да „го запре крвопролевањето“, Трамп рече: „Работиме на тоа, Гари.“
-Ќе имаме одличен разговор. Ќе кажам: Добро, мислам дека сме блиску до договор, а потоа тој ќе сруши зграда во Киев – рече Трам.
Разговорот потоа се префрли на НАТО, сојузот што Трамп во минатото го нарече „застарен“.
Зпрашан дали сè уште мисли така, тој одговори: „Не. Мислам дека НАТО сега станува спротивно на тоа“, додавајќи дека членовите на Алијансата „ги плаќаат своите обврски“.
Тој, исто така, рече дека сè уште верува во колективната одбрана бидејќи им овозможува на помалите држави да се бранат од поголемите.