Фото: ЕПА

Два дена откако новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп се закани дека ќе воведе нови високи царини за Канада и Мексико како дел од напорите за сузбивање на илегалната миграција и на дрога, објави дека разговарал со мексиканската претседателка Класија Шејнбаум и дека „таа се согласила да престане миграција низ Мексико“.

Во синоќешната објава на својата социјална мрежа True Social, Трамп рече дека всушност „ќе биде затворена јужната граница на САД“, и дека имал многу продуктивен разговор со претседателката на Мексико.

Мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум одговори на тврдењето на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп дека ќе ја „запре“ миграцијата во САД нагласувајќи дека државата не планира да ја затвори границата.

– Позицијата на Мексико не е да ги затвора границите, туку да гради мостови меѓу владите и заедниците – напиша Шејнбаум на Икс.

Според американски медиуми, не е јасно како тој разговор ќе влијае на планот на Трамп за воведување нови царини.

Во понеделникот, Трамп рече дека ќе воведе царини од 25 отсто за сите производи кои влегуваат во земјата од Канада и Мексико како една од неговите први извршни наредби по преземањето на функцијата на 20 јануари.

Во објавувањето на тие планови на својата мрежа True Social, Трамп го критикуваше големиот прилив на мигранти кои илегално доаѓаат во САД, иако бројот на илегални мигранти приведени на јужната граница на САД со Мексико е на најниско ниво во изминатите четири години.