Доналд Трамп, поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави се појави пред судот во Њујорк каде што ќе биде информиран за обвинението против него и каде што ќе може да се изјасни за обвинението, што претставува историски момент, имајќи предвид дека станува збор за првиот претседател во историјата на САД кој е кривично гонет.
Обвинението против Трамп го покрена Големата порота на Менхетен и се состои од повеќе од 30 точки. Тоа се однесува на вмешаноста на Трамп во плаќањето 130.000 долари на порно актерката Сторми Даниелс за да ја спречи јавно да зборува за наводната афера со него, за која таа тврди дека се случила во 2006 година.
По неговото појавување пред судот, на Трамп ќе му бидат земени отпечатоци и ќе биде фотографиран за евиденција. Обвинетиот потоа треба да биде задржан најмалку неколку часа, но, како што пренесува Си-ен-ен, последниот чекор во случајот на Трамп ќе биде прескокнат бидејќи ќе биде спроведен низ ходникот до лифтот што ќе го однесе до катот каде што е судницата.
Трамп сега е формално уапсен. Ова е првпат поранешен претседател на САД да биде уапсен.
Како што пренесува „Скај њуз“, Трамп не бил врзан со лисици на барање на неговата придружба од Тајната служба.
Пред судот се собраа поддржувачи и противници на поранешниот претседател, а меѓу двете групи кои разменуваа навреди застанаа и припадници на њујоршката полиција. Сепак, најголемиот дел од просторот пред кривичниот суд го зазедоа новинари, по случај без преседан во поновата американска историја.
Пред рочиштето тој им се обрати на поддржувачите порачувајќи им дека ова е „трагичен ден“.
Судијата Хуан Мерчан забрани употреба на дигитални уреди во судницата на сослушувањето на Трамп, но ќе дозволи да се направат неколку фотографии пред да започне сведочењето.