Американскиот претседател, Доналд Трамп, денеска повика на апсење на демократските конгресмени кои ги повикаа членовите на војската и разузнавачките службеници да не ги почитуваат, како што велат, „нелегалните наредби“ што може да ги издаде администрацијата.
– Тоа се нарекува предавничко однесување на највисоко ниво. Секој од овие предавници на нашата земја треба да биде уапсен и изведен пред лицето на правдата – напиша Трамп на социјалната мрежа Трут социјал.
Притоа американскиот претседател се осврна на неколку членови на Конгресот кои претходно служеле во војската или разузнавачката заедница, а кои оваа недела објавија видео на социјалната мрежа X во кое ја повикаа војската и разузнавачката заедница да „ги отфрлат нелегалните наредби“.
– Нивните зборови не смеат да се дозволат. Повеќе нема да имаме земја! Мора да се даде пример. Затворете ги – напиша Трамп.
Во објавеното видео, конгресмените рекоа дека никој не мора да извршува наредби што го кршат законот или Уставот. Тие не прецизираа кои наредби ги добиле или би можеле да ги добијат припадниците на армијата, а кои би можеле да бидат нелегални.




































