Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа потпиша извршна наредба со цел да се затвори Министерството за образование.
– Ќе го отстраниме – изјави американскиот претседател непосредно пред да го потпише документот во Белата куќа.
– Ќе го затвориме што е можно поскоро – додаде тој.
Овој чекор претставува исполнување на неговото предизборно ветување за „елиминирање“ на оваа институција, која долго време беше мета на конзервативците.
Трамп често го нарекуваше Министерството за образование расипничко и под влијание на либералната идеологија. Сепак, конечното укинување е веројатно невозможно без акција од Конгресот, бидејќи министерството е основано во 1979 година со акт на Конгресот.
Според Белата куќа, наредбата ќе и наложи на министерката Линди Мекмахон да ги преземе сите неопходни чекори за да се овозможи затворање на Министерството за образование и враќање на образовните власти на државите, а истовремено да продолжи да обезбедува ефикасна и непречена испорака на услуги, програми и придобивки од кои зависат Американците.
Администрацијата на Трамп веќе спроведува намалување на персоналот во одделот, додека финансирањето на Канцеларијата за човекови права и Институтот за образовни науки, кои собираат податоци за академскиот напредок на земјата, се драстично намалени.
Демократскиот лидер во Сенатот Чак Шумер веднаш реагираше и го повика судството „да стави крај на тиранското владеење на Доналд Трамп“.
Шумер рече дека потпишувањето на извршната наредба е една од „најдеструктивните акции“ што претседателот некогаш ги презел.
– Оваа ужасна одлука на Доналд Трамп ќе ја почувствуваат просветните работници, родителите, раководителите на училиштата и квалитетот на образованието што го добиваат нашите деца – додаде тој.