Претседателот на САД, Доналд Трамп на првиот ден од неговиот нов мандат потпиша повеќе извршни наредби – од климата до имиграцијата, заедно со голем број помилувања за оние кои упаднаа во Капитол на 6 јануари 2021 година.
Дел од извршните наредни се ветувањата што ги даде за време на кампањата во 2024 година. Други, како повлекување од Светската здравствена организација (СЗО), не се очекуваа, јавија американските медиуми.
Трамп потпиша различни наредби насочени кон преобликување на начинот на кој САД управуваат со имиграцијата и државјанството.
Тој прогласи национална вонредна состојба на јужната граница. Трамп, исто така, вети операција за масовна депортација во која ќе биде вклучена армијата, за која истакна дека ќе биде насочена кон оние што ги нарече „криминални вонземјани“.
Трамп во Овалната соба потпиша наредба за одземање на државјанството по право на раѓање. Но, автоматското американско државјанство на луѓето родени во земјата е запишано во Уставот, а акцијата на Трамп сигурно ќе се соочи со правен предизвик.
Трамп потпиша помилување за околу 1.500 учесници во нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година од страна на неговите приврзаници, кои се обидоа да ги поништат изборите во 2020 година. Тој повторно ги нарече „заложници“ оние кои беа осудени или се изјаснија за виновни за немирите.
Тој укина различни извршни наредби за промовирање на програми за различност и ЛГБТК. Тој ги поништи декретите кои промовираат различност и еднаквост во владата, бизнисите и здравството, како и правата на ЛГБТК Американците. Трамп поаочи дека американската влада ќе признае само „два пола – машки и женски“.
Претседателот веднаш ги повлече САД од Парискиот климатски договор, повторувајќи ја акцијата што ја презеде за време на неговиот прв мандат. Наредбата го продолжува пркосното отфрлање на Трамп на глобалните напори за борба против планетарното затоплување, бидејќи катастрофалните временски настани се интензивираат ширум светот. Ќе биде потребна една година за да се напушти Договорот по поднесувањето на формално известување до рамката на ОН што ги заснова глобалните климатски преговори.
Трамп потпиша наредба за прогласување „национална енергетска вонредна состојба“ со цел значително да се прошири експлоатацијата во најголемиот светски производител на нафта и гас.
Друга наредба бара од федералните работници да се вратат во канцеларијата со полно работно време, при што Трамп се обидува да ги врати поголемиот дел од надоместоците за работа од дома што беа воведени за време на пандемијата ковид-19.
Трамп потпиша наредба за повлекување на САД од Светската здравствена организација, инсистирајќи на тоа дека Вашингтон неправедно плаќа повеќе од Кина во телото на ОН.
Претседателот нареди 75-дневна пауза за спроведување на законот со кој ефективно ќе се забрани TикТок. Трамп истакна дека кинеската матична компанија на апликацијата мора да се согласи да продаде 50 отсто од акциите на САД.
Трамп ги отповика санкциите против насилните израелски доселеници на окупираниот Западен Брег обвинети за злоупотреби против Палестинците, поништувајќи ја наредбата без преседан преземена од администрацијата на Џо Бајден.
Прекинувајќи уште еден од поновите потези на Бајден, Трамп ја врати Куба на црната листа на држави спонзори на тероризмот. Бајден ја отстрани Куба од списокот само неколку дена порано како дел од договорот за ослободување на затвореници.
Извршната наредба е писмена наредба издадена од претседателот до федералната влада за која не е потребно одобрение од Конгресот. Тоа е еден начин на кој претседателите можат да спроведат промени во политиките без да мораат законодавците да гласаат за нив. Сепак, извршните наредби мора да бидат во согласност со законот и може да бидат предмет на правен преглед.