Доналд Трамп / Фото: ЕПА

Војната во Украина и актуелната состојба на Блискиот Исток биле меѓу главните теми на телефонскиот разговор меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин.

Трамп пред новинарите изјави дека разговорот бил „многу добар“ и дека биле разменети ставови за повеќе меѓународни прашања.

Тој посочи дека постојат големи тензии меѓу рускиот претседател и украинскиот лидер Володимир Зеленски, но оцени дека дискусијата на оваа тема била конструктивна.

-Постои огромна омраза меѓу Путин и Зеленски. Тие практично не можат ни да се погледнат, но разговорот на оваа тема беше позитивен – изјави Трамп.

Американскиот претседател додаде дека Путин изразил подготвеност да помогне и во решавањето на конфликтот поврзан со Иран.

-Му реков дека би било уште покорисно ако помогне да се стави крај на војната меѓу Русија и Украина – рече Трамп на прес-конференција одржана во неговиот голф-клуб во Флорида, пренесе МИА.

Советникот за надворешна политика на Кремљ, Јуриј Ушаков, изјави дека разговорот бил „многу суштински“ и дека може да има практично значење за идната соработка меѓу двете земји.

Според него, Путин предложил повеќе идеи за политичко и дипломатско решавање на конфликтот поврзан со Иран, врз основа на неговите контакти со лидерите од земјите од Персискиот Залив и со иранскиот претседател.

Во разговорот биле разменети и ставови за американско-израелските активности во регионот, како и за ситуацијата во Венецуела.

Специјалниот претставник на рускиот претседател за инвестиционо-економска соработка со странство, Кирил Дмитриев, соопшти дека телефонскиот разговор меѓу двајцата лидери траел околу еден час.

-Беа разгледани можни решенија за Украина и за иранскиот конфликт – напиша Дмитриев на социјалната мрежа „X“.