Американскиот претседател, Доналд Трамп, го одобрил предлог законот за санкции против Русија, што вклучува царини од 500 проценти за увоз на стоки од земји што купуваат нафта, нафтени деривати или ураниум од Москва, и тој сега оди во натамошна постапка, соопшти американскиот сенатор Линдзи Греам, објави Фокс њуз, пренесува МИА.
Објавениот закон ќе му овозможи на претседателот Трамп да ги казни купувачите на евтина руска нафта, за која сенаторот Греам вели дека „ја движи воената машинерија на Путин“.
Целта на мерката е да се намалат руските приходи од извоз на енергенси и да се одвратат земји како Кина, Индија и Бразил од заобиколување на американските санкции, објавува Фокс њуз.
Греам додаде дека гласањето за законот би можело да се одржи уште следната недела и дека очекува силна поддршка и од републиканците и од демократите.
Американските медиуми посочуваат дека планираното гласање е блиску, но дека законот е сè уште подложен на промени и би можело да се соочи со отпор во Конгресот.
Веста за поддршката на Трамп за новиот закон доаѓа по ескалацијата на односите меѓу Вашингтон и Москва, откако американските сили вчера го запленија танкерот „Маринера“ што пловеше под руско знаме поради кршење на санкциите.






























