Фото: Доналд Трамп/инстаграм

Претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп изјави дека може да воведе нови санкции кон Русија доколку нејзиниот претседател Владимир Путин одбие да преговара за крај на војната во Украина.

Трамп не даде детали за можни дополнителни санкции, но потсети дека САД веќе воведоа „строги санкции“ кон Русија за нејзината инвазија на Украина во февруари 2022 година – објави „Ројтерс“.

Тој исто така рече дека неговата администрација размислува да испрати оружје во Украина, нагласувајќи дека Европската унија треба да направи повеќе за да ја поддржи Украина.

 – Разговараме со украинскиот претседател Володимир Зеленски, наскоро ќе разговараме со претседателот Путин – рече Трамп.

Трамп исто така истакна дека во телефонскиот разговор со кинескиот претседател Си Џинпинг и апелирал Кина да интервенира за да се запре војната во Украина.

– Си не направи многу за тоа. Тој е многу моќен, исто како нас. Му реков: „Треба да го решиш ова“ – рече Трамп.