Американскиот претседател Доналд Трамп во телефонско интервју за „Си-ен-ен“ изјави дека САД имаат силна предност во актуелниот конфликт со Иран, но предупреди дека „главниот удар“ допрва претстои.
Во разговор за „Њујорк пост“, тој не ја исклучи можноста од распоредување американски копнени сили на иранска територија, нагласувајќи дека таков чекор би бил преземен само доколку се процени како неопходен.
– Не велам дека нема да има копнени трупи на тлото. Велам дека најверојатно нема да бидат потребни, но ако се потребни, ќе ги има – изјави Трамп, додавајќи дека не го загрижуваат анкетите кои укажуваат на пад на поддршката во јавноста поради воените операции.
Во интервјуто за „Си-ен-ен“, претседателот оцени дека акциите на американската војска се одвиваат според планот и ја потенцираше, како што рече, нејзината неспоредлива моќ. Според него, конфликтот би можел да трае пократко од очекуваното, бидејќи динамиката се развива побрзо од првичните проценки.
Трамп посочи и дека САД преземаат активности и надвор од директните воени дејства, со цел да влијаат врз состојбата во Иран, но нагласи дека безбедносната ситуација останува сериозна и може дополнително да се влоши.
Како изненадување ја наведе реакцијата на Иран насочена кон повеќе арапски држави во регионот, кои, според него, првично не планирале активно вклучување, но подоцна зазеле поцврст став.
На крајот, Трамп изјави дека во последните дипломатски контакти иранската страна не ги прифатила американските барања, но изрази уверување дека стратегијата на САД дава резултати.
































