Доналд Трамп / Фото: ЕПА

Американскиот претседател Доналд Трамп го започна своето обраќање на 80. Генерално собрание на ОН, истакнувајќи дека телепромптерот не функционира, што предизвика смеа меѓу присутните.

– Можам само да кажам дека кој и да оперира со овој телепромптер е во големи проблеми -, рече Трамп, по што продолжи да зборува од хартиена копија на говорот. Како земја-домаќин, САД традиционално се втората земја што се обраќа на ГС на ОН.

Во обраќањето тој се исмеваше со неговиот претходник Џо Бајден, кого го обвинува за проблемите во САД и во светот.

– Поминаа шест години откако последен пат стоев во оваа голема сала и зборував пред свет што беше просперитетен и мирен во мојот прв мандат – рече Трамп, алудирајќи на периодот од 2017 до 2021 година.

– Оттогаш, оружјето на војната го скрши мирот што го постигнав на два континента, ерата на спокој и стабилност отстапи место на една од големите кризи на нашето време, а овде во Соединетите Американски Држави, четири години слабост, беззаконие и радикализам под последната администрација ја доведоа нашата нација до низа катастрофи – додаде тој.

Американскиот претседател посвети значителен дел од говорот на успехот во борбата против нелегалната имиграција, повикувајќи ги другите земји да го следат примерот. Тој му се заблагодари на Ел Салвадор „за успешната и професионална работа во приемот и затворањето на толку многу криминалци што влегоа во нашата земја“. Администрацијата на Трамп се соочува со критики и правни предизвици поради праксата на испраќање стотици имигранти – главно Венецуелци – во максимално обезбеден затвор во Ел Салвадор.

Од говорницата, Трамп ги предупреди колегите државници дека нивните земји се соочуваат со „истата ситуација“ и дека имиграцијата „ги уништува вашите земји и мора да се преземат мерки“.

Трамп се пофали со улогата во посредувањето за примирја во светски конфликти, тврдејќи дека постигнал седум договори за мир. Тој оцени дека неговиот биланс, за кој смета дека заслужува Нобелова награда за мир, ја истакнува неефективноста на ОН.

– Жално е што јас морам да ги правам овие работи наместо Обединетите нации, и за жал, во сите случаи, Обединетите нации ниту пробаа да помогнат – рече Трамп.

Тој се повика на расипан лифт во седиштето на ОН и на проблемот со телепромптерот: Ова се двете нешта што ги добив од Обединетите нации – лош лифт и лош телепромптер.

– Не помислив на тоа во тој момент затоа што бев премногу зафатен да спасувам милиони животи, односно да ги запрам овие војни. Но, подоцна сфатив дека Обединетите нации не беа со нас – додаде тој. „Во тој случај, која е целта на Обединетите нации? ОН имаат огромен потенцијал… но не живеат до него, барем засега, сè што прават е да напишат силно формулирано писмо и потоа никогаш да не го следат“.

Трамп се пофали со нападот врз иранските нуклеарни капацитети

Дел од своето време на Генералното собрание, Трамп го искористи за да се пофали со американскиот напад врз иранските нуклеарни објекти во јуни.

– Пред три месеци, во операцијата ‚Миднајт Хамер‘, седум американски бомбардери Б-2 фрлија бомби од по 30.000 фунти врз клучниот ирански нуклеарен објект, тотално уништувајќи сè. Ниту една друга земја на Земјата не можеше да го направи она што ние го направивме – рече тој.

Иако Трамп тврди дека нападот целосно ги уништи иранските капацитети за збогатување ураниум, проценка на американското Министерство за одбрана укажува дека тие се одложени само за неколку месеци.

Американскиот претседател, најголемиот воен и политички поддржувач на Израел, продолжи со повик за прекин на војната во Газа, каде што израелската офанзива однесе над 65.000 палестински животи.

– Мораме веднаш да ја запреме војната во Газа. Мораме да ја запреме – рече Трамп.

– Мораме да постигнеме мировен договор. Мораме да ги ослободиме заложниците. Сакаме сите 20 да ги добиеме назад. Мораме да ги вратиме веднаш. Ги сакаме и 38-те мртви тела назад – додаде тој.

Трамп потенцираше дека Хамас „повторно одбива разумни понуди за мир“. Тој, исто така, ја повтори оценката дека признавањето на палестинската држава од неколку западни земји во изминатите денови е „награда“ за Хамас.

Трамп тврди дека ОН „финансираат напад врз западните земји и нивните граници“

Трамп  ја обвини ОН дека „финансира напад врз западните земји и нивните граници“.

– ОН поддржуваат луѓе кои нелегално влегуваат во САД, а потоа ние мораме да ги отстраниме. ОН, исто така, обезбедија храна, засолниште, транспорт и дебитни картички за илегални странци – рече Трамп.

Според западни медиуми, Трамп веројатно се реферира на картичките за помош на Меѓународната организација за миграција (ИОМ), преку кои тие понекогаш обезбедуваат помош. ИОМ, исто така, превезува поединци врз основа на локалните потреби и координација со владите, но не помага на поединци во нерегуларна миграција преку границите.

Според претседателот на САД – градоначалникот на Лондон сака да воведе Шеријатски закон

Трамп се осврна и на градоначалникот на Лондон – кој е муслиман, тврдејќи дека се обидува да воведе Шеријатски закон.

– Гледам во Лондон, каде што имате ужасен градоначалник. Ужасен, ужасен градоначалник – рече тој, додавајќи дека сега тој сакал да воведе „Шеријатски закон“.

Трамп мислел дека неговиот однос со Путин ќе помогне да се стави крај на војната во Украина

Трамп ја спомена ситуацијата во Украина неколку пати во денешното обраќање. Тој истакна дека мислел оти ќе биде полесно да се стави крај на војната отколку што се покажало, бидејќи неговиот однос со Путин „отсекогаш бил добар“.

Тој рече дека руската војна во Украина „не прави Русија да изгледа добро“.

Подоцна, тој ги критикуваше земјите од ЕУ за тоа што продолжуваат да купуваат руска нафта и гас, иако повеќето од нив вложија напори да ја намалат својата зависност, а главни клиенти се Унгарија и Словачка.

Во говорот, Трамп рече дека климатските промени се „најголемата измама некогаш направена во светот“ и ги нарече „лажна енергетска катастрофа“.

Трамп, исто така, ја нарече обновливата енергија шега, опишувајќи ја како скапа и неефикасна.

– Ако не се тргнете од оваа зелена измама, вашата земја ќе пропадне – порача американскиот претседател.

Во дел од говорот, Трамп им се обрати на дел од европските земји, именувајќи ги Германија, Грција и Швајцарија.

Тој ги обвини дека учествуваат во „експеримент со отворени граници“, и покрај тоа што сите имаат строги закони за миграција.

– Вашите земји одат во пекол. Во Америка, презедовме храбри акции за брзо запирање на неконтролираната миграција. Откако почнавме да притвораме и депортираме секој што ќе ја премине границата и да ги отстрануваме илегалните странци од САД, тие едноставно престанаа да доаѓаат – рече тој.

Трамп, исто така, ги поздрави американските воени напади врз наводни шверцери на дрога во Карибите, за кои групите за човекови права велат дека претставуваат вонсудски убиства.

– На секој терористички насилник што шверцува отровни дроги во Соединетите Американски Држави, ве молам да бидете предупредени дека ќе ве избришеме од постоење – рече тој.

Трамп вети дека неговата администрација ќе предводи меѓународен напор за спроведување на конвенцијата за биолошко оружје со пионерски систем за верификација со вештачка интелигенција.

– Ја повикувам секоја нација да ни се придружи во ставањето крај на развојот на биолошко оружје еднаш засекогаш – рече тој.

Американскиот претседател го заврши својот говор, кој траеше неверојатни 55 минути, далеку надминувајќи го упатството од 15 минути.

Трамп ги повтори, како што рече, двете најважни прашања за светот.

– На крајот, само сакам да повторам дека имиграцијата и високата цена на таканаречената зелена обновлива енергија уништуваат голем дел од слободниот свет и голем дел од нашата планета – рече тој.

– Земјите кои ја ценат слободата брзо избледуваат поради нивните политики за овие две теми. Потребни ви се силни граници и традиционални извори на енергија ако сакате повторно да бидете големи, без разлика дали доаѓате од север или југ, исток или запад, блиску или далеку – рече тој.

Трамп претходно алудираше на неговата желба за Нобелова награда за мир, и и покрај говорот во кој ги критикуваше и исмеваше ОН како целина и поединечни земји, тој заврши со порака дека тој е човекот што ќе ја поведе глобалната заедница напред.

– Затоа заедно, да ја поддржиме нашата света должност кон нашите луѓе и нашите граѓани. Да ги заштитиме нивните граници, да ја обезбедиме нивната безбедност, да ги зачуваме нивните култури, да ги негуваме нивните традиции и да се бориме, бориме, бориме за нивните скапоцени соништа и нивната негувана слобода – рече тој.

– Тоа ќе се случи, и се надевам дека може да се случи и да започне токму сега, во овој момент, ќе го свртиме тоа за да ги направиме нашите земји подобри, побезбедни, поубави – рече претседателот на САД.