Фото: Доналд Трамп/Фејсбук профил

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска му се закани на Иран со масовна сила доколку биде извршен напад врз него, во изјава  дадена за американската телевизија „ЊузНејшн“.

– Целата земја ќе биде разнесена – изјави Трамп.

Тој додаде дека, доколку нешто му се случи, има „многу цврсти инструкции“, нагласувајќи дека „ако нешто се случи, тие ќе бидат избришани од лицето на Земјата“.

Изјавата следуваше по прашање за извештаи дека иранското раководство упатило смртна закана кон него.

По заканите на Трамп и личните напади од страна на иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, расте загриженоста од можна воена ескалација во регионот. Американскиот претседател неодамна јавно се изјасни во прилог на промена на режимот во Иран.

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека секоја агресија против Хамнеи би значела целосна војна против иранската нација.

Според активисти, во најновите масовни протести во Иран биле убиени повеќе од 4.200 демонстранти. Државното раководство за ова насилство ги обвинува „терористички елементи“, како и своите главни непријатели – САД и Израел.