Фото: Принтскрин

Доналд Трамп изјави дека можно е НАТО, да не може повеќе да смета на автоматска американска заштита во случај на напад, продлабочувајќи ја реториката против алијансата поради, како што вели, недоволната поддршка од Европа во конфликтот со Иран, пренесе „Вашингтон пост“.

Говорејќи на инвестициска конференција во Мајами Бич, Трамп изјави дека НАТО „не бил таму“ кога побарал помош, оценувајќи го тоа како „огромна грешка“ на европските сојузници.

Тој нагласи дека САД трошат „стотици милијарди долари годишно“ за одбраната на алијансата, додавајќи дека идната поддршка може да биде доведена во прашање:

– Секогаш бевме тука за нив, но сега, врз основа на нивните постапки, претпоставувам дека не мора да бидеме – рече Трамп.

За време на својот прв мандат, Трамп веќе се закануваше со повлекување на САД од НАТО, барајќи од сојузниците да ги зголемат трошоците за одбрана. Иако тогаш се повлече под притисок од политичките кругови во Вашингтон, останува нејасно дали сега ќе ја реализира оваа позиција.

Од Белата куќа, портпаролката Каролин Ливит изјави дека претседателот „отворено го изразува своето незадоволство од НАТО“, без да потврди формална промена на политиката.

И покрај тоа што европските земји и Канада најавија зголемување на одбранбените трошоци, Трамп повторно ја заострува реториката. Тензиите дополнително се зголемија по неговите изјави за Гренланд, како и поради актуелните безбедносни прашања.

Во пресрет на самитот на НАТО што треба да се одржи во Анкара во јули, се отвораат нови дилеми околу посветеноста на САД кон алијансата.