Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека Израел ќе биде „лидерот“ на потенцијалниот воен напад врз Иран, доколку Техеран не се откаже од својата програма за нуклеарно оружје.
Американските медиуми пренесуваат дека Трамп ова го изјави пред американско – иранските разговори закажани за овој викенд во Оман.
Американскиот претседател претходно неделава изјави дека разговорите ќе бидат „директни“, додека Иран од поодамна својот ангажман го сведува само на „индиректни“ разговори со САД.
САД сѐ повеќе се загрижени бидејќи Техеран е поблиску од кога било до функционално нуклеарно оружје, пишуваат американските медиуми.
Во 2015 година, САД и другите светски сили постигнаа долгорочен, сеопфатен нуклеарен договор со кој Техеран го ограничи збогатувањето ураниум во замена за укинување на економските санкции. Но, во 2018 година Трамп еднострано ги повлече САД од нуклеарниот договор, нарекувајќи го „најлошиот договор досега“.