Фото: Принтскрин

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека повторно разговарал со рускиот претседател Владимир Путин по големиот состанок со европските лидери во Белата куќа.

– Секој разговор што го имам со него е добар разговор. А потоа, за жал, се лансира бомба кон Киев или некое друго место, и тогаш јас многу се лутам поради тоа – рече Трамп, пренесе ДПА.

Трамп рече дека верувал оти конфликтот во Украина ќе биде најлесен за решавање, но оти „во војна се случуваат чудни работи“.

Тој ја пофали подготвеноста на Путин да ја посети Алјаска за нивниот состанок претходно овој месец, нарекувајќи го „голема изјава“ која ја докажува неговата желба за мир.

Откако по втор пат ја презеде функцијата во јануари, Трамп постојано се обидува да стави крај на војната во Украина, вршејќи притисок врз украинскиот претседател Володимир Зеленски и Путин да се сретнат за да постигнат договор.

Трамп исто така рече дека разговарал со Путин за „ограничување на нуклеарното оружје“ и оти Кина треба да биде вклучена во напорите.

– Ние имаме најмногу. Русија е на второ место, а Кина на трето … Но, Кина е далеку зад нас, но ќе нè стигне за пет години…Би сакале да се денуклеаризираме – додаде Трамп.