Американскиот претседател Доналд Трамп и Иран разменија сериозни закани за ескалација на конфликтот, со можни напади врз енергетски и нафтени постројки во Персискиот Залив, пренесе „Ројтерс“.
Ваквиот развој на настаните повторно ги зголемува ризиците за глобалните енергетски и финансиски пазари и може дополнително да ја продлабочи регионалната нестабилност.
Трамп во саботата предупреди дека ќе ги „уништи“ иранските електрани доколку Техеран не овозможи целосно отворање на Ормутски теснец во рок од 48 часа. Ова претставува значајна ескалација, особено откако претходно најави можност за „забавување“ на конфликтот, кој сега трае веќе четири недели.
„Ројтерс“ пишува дека од друга страна, Иран возврати со предупредување дека ќе ја таргетира американската инфраструктура во регионот, вклучително и енергетските постројки во Заливот, доколку заканите бидат реализирани. Во меѓувреме, американските сили продолжуваат да го засилуваат своето присуство во регионот.
Според достапните податоци, повеќе од 2.000 луѓе загинале во конфликтот што започна на 28 февруари со вклучување на САД и Израел. Војната веќе предизвика турбуленции на пазарите, раст на цените на горивата и зголемени стравувања од глобална инфлација.
Аналитичарот Тони Сикамор предупредува дека ултиматумот од 48 часа создава голема неизвесност. Доколку ситуацијата дополнително ескалира, можно е нов силен пад на берзите и значително поскапување на нафтата.
































