Harvard University Campus in Cambridge Massachusetts
Фото: ЕПА

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека Универзитетот Харвард треба да воведе ограничување од 15 проценти на бројот на странски студенти што ги прифаќа и дека престижниот универзитет „Ајви лига“ треба да ѝ го покаже на администрацијата својот тековен список на студенти од други земји – објави „Танјуг“, повикувајќи се на „Ројтерс“.

– Харвард треба да се однесува добро. Харвард се однесува кон нашата земја со големо непочитување и со сè што прават се закопуваат сè подлабоко и подлабоко –  изјави Трамп пред новинарите во Белата куќа.

Тој во неделата изјави дека неговата администрација сака „имињата и земјите“ на илјадници странски студенти на Универзитетот Харвард, сугерирајќи дека странските земји, особено оние непријателски настроени кон САД, треба да придонесат за финансирање на образованието на своите студенти.

– Зошто Харвард не каже дека речиси 31 процент од неговите студенти се од странски земји, а сепак тие земји, од кои некои воопшто не се пријателски настроени кон САД, не плаќаат ништо за образованието на своите студенти, ниту пак некогаш имаат намера да го прават тоа – напиша американскиот лидер на социјалната мрежа „Truth Social“.

Тој нагласи дека неговата администрација сака да „знае кои се овие странски студенти“, но дека, како што тврди, универзитетот „не е многу отворен“.

– Ги сакаме тие имиња и тие земји – рече Трамп.

Околу 27 проценти од студентите на Харвард доаѓаат од странство, повеќето од нив од Кина, по што следат Канада, Индија, Јужна Кореја и Обединетото Кралство – објави „Си-ен-ен“.

Во академската 2024-2025 година, на Харвард се запишани 6.793 студенти на додипломски и постдипломски студии од најмалку 147 држави и територии. Странските студенти „немаат право на никакво федерално финансирање“, според делот за финансиска помош на веб-страницата на Харвард, но универзитетот додава дека „има свои пари за работа и стипендии достапни за меѓународни студенти“.