Фото: ЕПА

Американскиот претседател Доналд Трамп го предупреди Техеран за „последиците од непостигнувањето договор“ во разговорите меѓу САД и Иран оваа недела во Женева.

-Ќе учествувам во овие преговори, директно – рече американскиот претседател пред претставници на медиумите, во претседателскиот авион „Ер Форс Уан“, додека патуваше за Вашингтон.

-Тие сакаат да склучат договор (…) Не мислам дека сакаат да ги сносат последиците од непостигнувањето договор – рече Трамп, осврнувајќи се на иранските власти.

Претседателот на САД додаде дека Украина треба да преговара и да склучи договор „брзо“.

Се очекува руските, украинските и американските преговарачи денеска да започнат нова рунда преговори во Женева.

-Украина треба да седне на преговарачка маса и брзо – нагласи претседателот пред медиумите за време на летот за Вашингтон.

Тој, исто така, истакна дека наскоро ќе има понатамошни испораки на оружје за Тајван, тема што го иритира Пекинг и неодамна го натера кинескиот претседател Си Џинпинг да издаде предупредување.

-Разговарав со него за тоа. Имавме добар разговор и многу наскоро ќе донесам одлука – рече Трамп, кој треба да ја посети Кина во април.