Американскиот претседател, Доналд Трамп, ги помилува умерениот демократски конгресмен Хенри Куелар од Тексас и неговата сопруга Имелда откако беа обвинети за примање мито.
Трамп рече дека им дава „целосно и безусловно помилување“, опишувајќи го 70-годишниот Куелар како „омилен“ претставник кој служи во Конгресот повеќе од две децении.
Куелар, кој претставува област на границата меѓу Тексас и Мексико, е познат по тоа што често отстапува од ставовите на Демократската партија, особено во врска со имиграцијата и контролата на оружјето.
Минатата година, тој и неговата сопруга беа обвинети за наводно примање мито од речиси 600.000 долари во две одделни зделки во кои учествувале енергетска компанија во сопственост на државата Азербејџан и банка со седиште во Мексико, објави Скај њуз.
Во објава на Трут Социјал (Truth Social), Трамп рече дека Куелар и неговата сопруга биле гонети затоа што конгресменот ја критикувал имиграциската политика на поранешниот претседател Џо Бајден.
– Со години, администрацијата на Бајден го користеше правосудниот систем како оружје против своите политички противници и секој што не се согласуваше со нив. Еден од најјасните примери за ова беше кога Расипаниот Џо ги искористи ФБИ и Министерството за правда за да „отстрани“ член на сопствената партија откако високо почитуваниот конгресмен Хенри Куелар храбро се изјасни против отворените граници и „катастрофата“ на Бајден на границата. Расипаниот Џо се фрли по конгресменот, па дури и по неговата прекрасна сопруга Имелда, само затоа што ја кажуваа ВИСТИНАТА. Хенри, не те познавам, но можеш мирно да спиеш вечерва. Твојот кошмар конечно заврши – рече Трамп.
Куелар претходно тврдеше дека тој и неговата сопруга се невини. Нивното судење требаше да започне во април следната година.
Куелар испрати порака преку X: „Сакам да му се заблагодарам на претседателот Трамп за неговото исклучително лидерство и за тоа што одвои време да ги разгледа фактите.“
– Оваа одлука ни овозможува да продолжиме да работиме за Јужен Тексас. Ова помилување ни дава чист почеток. Вревата е исчезната. Работата останува. И имам намера да го направам тоа без двоумење. Ви благодарам, господине претседателе, Бог да ве благослови Вас и Бог да ги благослови САД – рече тој.



































