Американскиот претседател Доналд Трамп и секретарот за одбрана Пит Хегсет објавија предлог-буџет за одбраната во износ од билион долари, што е рекордна сума за војската.
За време на прес-конференцијата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, Трамп рече дека претстојниот буџет ќе биде „близу“ билион долари.
Хегсет отиде чекор понатаму во објавата на платформата Икс синоќа, велејќи дека Трамп „ја обновува војската – и тоа брзо“.
– Наскоро: Прв буџет од билион долари за Министерството за одбрана – објави Хегсет од неговата лична сметка. „(ПС: Планираме мудро да го трошиме секој долар на даночните обврзници.)“.
Оваа сума претставува значително зголемување во однос на 892 милијарди долари кои Конгресот годинава ги додели за нациоалните одбранбени програми, вклучувајќи го и Пентагон, развој на нуклеарно оружје и програми за безбедност во други агенции. Тоа се случува и кога вооружените сили се обидуваат да намалат 8 отсто од нивните индивидуални буџети и да ги реинвестираат средствата во модернизација.
Хегсет, исто така, планира да го намали бројот на цивилни вработени во одделот ширум светот, бидејќи Пентагон почнува да работи на консолидација на домашни и странски бази.
Нивните коментари ја изненадија јавноста со оглед на тоа што презентацијата на федералниот буџет не се очекува пред крајот на мај.
Трамп не прецизираше дали билион долари ќе бидат наменети исклучиво за Пентагон или за вкупниот буџет за национална одбрана, во кој се вклучени и други агенции. Сепак, трошоците за националната одбрана веќе беа проектирани да надминат 900 милијарди долари во претстојниот буџет.