Фото: Принтскрин

Американскиот претседател Доналд Трамп секојдневно добива кратки видеа со најуспешните напади врз ирански цели, но ваквиот начин на информирање предизвикува загриженост кај дел од неговите сојузници, објави „Ен-би-си њуз“.

Според извештајот, повикувајќи се на сегашни и поранешни американски функционери, видеата што му се презентираат на Трамп траат околу две минути и главно ги прикажуваат најуспешните воени операции во последните 48 часа.

Иако претседателот добива информации и преку брифинзи со воени и разузнавачки советници, како и преку контакти со странски лидери и медиумски извештаи, дел од функционерите сметаат дека ваквиот пристап не ја прикажува целосната слика од конфликтот.

Тие посочуваат дека брифинзите најчесто се фокусираат на успесите на САД, со ограничени информации за иранските активности и ризици на терен.

Како пример, еден од функционерите навел случај кога неколку американски воени авиони биле погодени во напад врз база во Саудиска Арабија, а Трамп за тоа дознал преку медиумите, а не преку официјални канали.

Од Белата куќа ги отфрлија овие тврдења. Портпаролката Каролин Ливит изјави дека претседателот добива целосни и точни информации.

– Ова е апсолутно неточно. Претседателот активно бара информации и очекува целосна искреност од своите советници – истакна Ливит.

И покрај тоа, извештајот наведува дека Трамп често бара дополнителни мислења и од надворешни советници, со цел да добие поширока перспектива за конфликтот и јавното мислење.