Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека царините ќе стапат во сила на 1 август и оти повеќе нема да има продолжувања.
– Немаше промени до овој датум, ниту пак ќе има промени. Со други зборови, сите пари ќе доспеат за плаќање почнувајќи од 1 август 2025 година- напиша тој на Truth Social.
Трамп додаде дека некои земји за кои се воведуваат царини вчера биле писмено известени, додека други ќе добијат официјално известување во текот на денот.
Трамп извести најмалку 14 држави за новите царински стапки кои ќе стапат во сила на 1 август, со напомена дека таквата царинска политика би можела да се промени со договор во областа на трговијата.
За Јапонија и Јужна Кореја е одредена царина од 25 отсто. Иста висина на царина е одредена и за Малезија, Казахстан и Тунис.
На Јужна Африка и Босна и Херцеговина им се воведени царини од 30 отсто, на Индонезија 32 отсто, на Бангладеш и Србија 35 отсто, на Камбоџа и Тајланд 36 отсто, а на Лаос и Мјанмар 40 отсто.
Трамп во писмата ги предупреди земјите против воведување реципрочни мерки, велејќи дека САД во тој случај ќе одговорат со воведување нови царини.
Трамп во април најави основна царинска стапка од 10 отсто за повеќето земји и дополнителни царини кои се движат до 50 отсто.
Подоцна го одложи стапувањето во сила на новите царини до 9 јули за сите освен за оние земји на кои им беше одредена стапка од 10 отсто.