Истрагата на Европската агенција за хемикалии открила и токсични хемикалии во производите за детска нега, како што се пелени, автомобилски седишта, лигавчиња и душеци за бебиња. Истрагата покажа дека пелените може да содржат токсични хемикалии и метали како што се кадмиум, кобалт и олово

Откриени опасни хемикалии во секој петти производ проверен во ЕУ

Европската агенција за хемикалии објави дека во 400 од 2.400 производи што биле контролирани во 26 земји членки на Европската Унија минатата година биле откриени токсични материи. Утврдено е дека една од четири играчки, како што се кукли, костими, душеци за играње и пластични фигури, ги прекршува законите на ЕУ за опасни хемикалии. Во ЕУ специјализираните агенции открија „прекумерно ниво на опасни хемикалии“ како што се олово и пластификатори во 18 отсто од тестираните производи за широка потрошувачка.
Најчесто контролирани производи што содржат токсични хемикалии се електричните апарати, спортската опрема и играчките. Инспекторите од различни агенции на ЕУ донеле мерки за извршување во четвртина од случаите, иницирајќи повеќе формални и правно обврзувачки дејства за неусогласеност. Од нив, 58 од најтешките предмети им се предадени на полицијата или на јавното обвинителство.
Истрагата покажа дека компаниите не го почитувале водечкото законодавство на ЕУ за хемикалии REACH во 13 отсто од случаите. Половина од прекршувањата се однесуваат на правилата за употреба на одредени опасни хемикалии во електрична и електронска опрема.

Стратегијата на ЕУ за хемикалии за 2020 година се обврзува да ја забрани несуштинската употреба на најштетните хемикалии во производите за широка потрошувачка. Европската комисија минатата недела предложи да се изменат три закони за да се забрзаат ограничувањата за најопасните хемикалии. Предлогот исто така има цел да ја зголеми соработката меѓу различните агенции на ЕУ и да го подобри собирањето податоци за хемикалиите што се наоѓаат во телата на луѓето за подобро да се проценат нивоата на изложеност.
Како што беше објавено деновиве, истрагата на Европската агенција за хемикалии открила и токсични хемикалии во производите за детска нега, како што се пелени, автомобилски седишта, лигавчиња и душеци за бебиња. Истрагата покажа дека пелените може да содржат токсични хемикалии и метали како што се кадмиум, кобалт и олово.

Подготвил: Митко Јовановски