НАТО-самитот со уште една сериозна тема како предизвик: Дигитална светска војна
Во последниве години, Русија и САД разменија обвинувања за употреба на дигитални технологии за дестабилизација на меѓународната политичка ситуација, а тековниот самит на НАТО во Вашингтон на голема врата ќе ја внесе темата за когнитивно војување во јавниот дискурс
Претстојниот самит на НАТО (9-11 јули) во Вашингтон ќе ја одбележи 75-годишнината на Алијансата во исклучително важно време на глобална нестабилност. Како што заканите се шират надвор од конвенционалните воени домени, НАТО заклучува дека е неопходно паралелно да изгради механизми за соочување со растечкиот бран на дигитални судири. Процена на Алијансата е дека со тоа „се загрозуваат единството и вредностите на членките на Алијансата“. Токму ова го изјави поранешниот извршен директор на американската Комисија за национална безбедност за вештачка интелигенција, Или Бајрактари, за „Киев индипендент“.
Современиот информациски екосистем, посебен акцент на самитот на НАТО во САД
Се очекува на самитот посебен акцент да биде ставен на војната во Украина и потребата од приспособување на колективната одбранбена рамка на НАТО на современиот информациски екосистем. Поранешниот извршен директор на американската Комисија за национална безбедност за вештачка интелигенција, Или Бајрактари, наведува неколку стратегии што НАТО треба да ги спроведе за да се приспособи на модерното војување и предлага формирање нова организациска структура – единица за дезинформации, која би била одговорна за координација на разузнавањето и градење стратегиски партнерства. Оваа единица би можела да ги искористи разузнавачката алијанса „Пет очи“ и работата на Европол за зајакнување на мрежите за споделување информации.
Еволуцијата на информациската војна
Предложените стратегии треба да вклучуваат, меѓу другото, инвестиции во алатки за интелигенција со отворен код (ОСИНТ) и соработка со технолошки компании за да се развие техничка експертиза за да се идентификуваат и да се спротивстават на злонамерните активности, како и инвестиции во алатки за автентичност и транспарентност на содржината, како што се моделите на големи јазици (ЛЛМ), класификатори на вештачка интелигенција и обработка на природен јазик за анализа на чувствата.
Според поранешниот извршен директор на американската Комисија за национална безбедност за вештачка интелигенција, Или Бајрактари, НАТО мора проактивно да ги промовира своите интереси и мисија и да понуди позитивен наратив. Брзите, агилни и далекосежни стратегиски комуникации се клучни за ефективно работење.
За ефективното водење на „дигиталната војна“, според експертот, потребна е соработка со владите, приватните компании и со граѓанските организации, која треба да биде насочена кон развивање заеднички стандарди, системи за рано предупредување и координирани одговори – истакнува експертот во текстот. П.Р.
И Руската академија на науките ја нагласи важноста од развивање способности за спротивставување на „западната когнитивна војна во сајбер-просторот“
И надвор од НАТО се зборува и за когнитивната војна. Имено, пример за издвојување е Игор Каљаев, водечки истражувач за вештачка интелигенција во Руската академија на науките, кој на почетокот на оваа година ја нагласи важноста од развивање способности што ќе ѝ овозможат на Русија да се спротивстави на западната когнитивна војна во сајбер-просторот.
– Интернетот стана клучно бојно поле на когнитивната војна, па затоа е исклучително важно да се започне со развивање капацитети за онлајн когнитивно војување – рече Каљаев во интервју за ТАСС.
Според него, земјите непријателски настроени кон Русија веќе активно се занимаваат со истражување во оваа област. Тој особено го истакна примерот на Украина како земја чиј менталитет беше успешно сменет од Западот за помалку од една генерација.
– За жал, мораме да признаеме дека во моментов заостануваме зад земјите што се непријателски настроени кон нас, бидејќи тие се веќе длабоко вклучени во овие активности – додаде Каљаев.
Овој истакнат руски научник предупредува на потребата Русија да вложи повеќе напори за развивање стратегии за одбрана и спротивставување во сајбер-просторот, нагласувајќи како когнитивното војување станало клучен аспект на современите меѓународни односи. П.Р.