Малолетник (15) синоќа ја нападнал полициската станица во Босанска Крупа, каде убил еден полицаец, а друг тешко ранил, пишува порталот Кликс.ба. Убиениот полицаец е Огњен Маран од Босански Нови, додека ранетиот полицаец е Авдо Хасановиќ од Босанска Крупа. Вториот наводно е во стабилна состојба.
Напаѓачот влегол во полициската станица и прво со ладно оружје го нападнал Маран, кој од повредите починал. Потоа го нападнал Хасановиќ, кој се здобил со повреди и веднаш бил пренесен во Кантонската болница „Д-р Ирфан Љубљанкиќ“.
Напаѓачот веднаш бил уапсен.
Засега полицијата не соопшти повеќе за мотивите, а според неофицијалните информации со кои располага порталот Кликс.ба, напаѓачот пред овој брутален чин испратил чудни пораки до познаници, збогувајќи се со нив. Оние кои го познавале наведуваат дека бил склон кон верски екстремизам.
Нападот на полициската станица во Босанска Крупа е окарактеризиран како терористички чин. Оваа информација за порталот „Аваз“ ја потврди портпаролот на локалната полиција, Аднан Бегановиќ.