Мировни преговори меѓу Русија и Украина
Војната со (дез)информации поврзани со конфликтот околу украинската граница продолжува. Вчера во Белорусија се состанаа делегациите на Русија и на Украина во обид да се надмине кризата и да се најде мировно решение. По тричасовни преговори, некои од медиумите почнаа да ја лиферуваат веста дека преговорите се завршени и само се чекаат детали од двете делегации. „Преговорите меѓу делегациите на Украина и на Руската Федерација се завршени“, соопшти советникот на украинскиот министер за внатрешни работи, Антон Герашченко, на Телеграм. Други детали не беа објавени. Преговорите, чиј исход го чека целиот свет, траеја околу три часа. Засега се знае само дека се завршени, но сѐ уште не е соопштено дали и што е постигнато во тие преговори. Но времето минуваше, а детали не излегоа во јавноста. По некое време, истите тие медиуми што побрзаа со информацијата, започнаа да ја повлекуваат од своите страници.
Очигледно, уште една информациска „бомба“ падна во рамките на актуелниот конфликт, за среќа, без посериозни последици. Но уште еднаш се покажа старото правило дека во вакви ситуации прва страда вистината.
Како што беше претходно објавено, на петтиот ден од почетокот на специјалната воена операција во Украина, во белоруската област Гомел, во близината на реката Припјат, на украинско-белоруската граница, вчера започнаа преговорите меѓу Москва и Киев. Двете делeгaции беа поздравени од белорускиот министер за надворешни работи Владимир Макеј, кој ги отвори разговорите. „Можете да се чувствувате целосно безбедни. Тоа е наша света должност!“, рекол Макеј.
Интересно е дека почетокот на средбата беше емитуван на интернет, но дека преносот подоцна бил исклучен по барање на руската страна.
Руската делегација ја предводи специјалниот ополномоштеник на Кремљ, Владимир Медински. Дел од делегацијата на Русија се и заменик-министерот за надворешни работи Андреј Руденко, заменик-министерот за одбрана Александер Фомин, рускиот пратеник во преговорите на т.н. Контакт-група, Борис Гризлов, и политичарот чија специјалност е надворешната политика, Леонид Слуцкиј.
Украинската делегација пристигнала со два хеликоптера и е предводена од Давид Арахамија, шеф на пратеничката група на партијата на Зеленски, Слуга на народот. Покрај него, дел од делегацијата се и министерот за одбрана Олексиј Ресников, претседателскиот советник Михајло Подољак, заменик-раководителот на делегацијата на Украина во трилатералната Контакт-група, Андриј Костин, пратеникот Рустем Умјеров и заменик-министерот за надворешни работи Микола Точизкиј.
Пред почетокот на разговорите, водачот на руската делегација, Медински, даде уверување дека Москва е заинтересирана за постигнување договор. „Дефинитивно сме заинтересирани за доаѓање до договор најбрзо што е можно“, изјави тој за руската државна телевизија. Согласноста мора да е „во интерес на двете страни“.
Освен тоа, Кремљ жали што преговорите почнуваат дури сега, „иако имаше можност за тоа“, ги пренесуваат медиумите зборовите на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Руската делегација, според Песков, во соседната земја „чека веќе долго“. Кремљ не сакаше да дава изјави за руските „преговарачки позиции“ пред разговорите. „Предлагам да ги причекаме разговорите“, изјави Песков.
Според украински информации, меѓутоа, до средбата во текот на ноќта не дошло поради тоа што борбите го отежнале пристигнувањето на делегацијата. Околу барањата на Киев е соопштено: „Клучното прашање на преговорите е итен прекин на огнот и повлекување на трупите од територија на Украина.“
Украина првично отфрлаше мировни разговори во Белорусија, која ѝ е партнер на Русија. Таа земја, како што изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, учествува во борбите против Украина. Зеленски рече дека е согласен со сите места „од кои не се исфрлаат ракети врз Украина“.
Подоцна, Зеленски сепак ја прифати понудата на Русите. „Не верувам во исходот од оваа средба, но ајде да се обидеме“, изјави украинскиот претседател. Тој рече дека се обидува да ја запре војната дури и ако за тоа постои минимална шанса. Во тоа не смее да се сомнева ниеден Украинец, нагласи Зеленски.
– Украинската делегација бара повлекување на сите руски војници во преговорите, вклучувајќи ги и Крим и Донбас – изјави советникот на шефот на претседателскиот кабинет, Арестович.