Два фактора ќе бидат клучни за германската економија во блиска иднина: американската царинска политика и финансискиот пакет на владата, тврди Моника Шницер, претседателка на Советот на експерти за економски развој или, како што често се нарекуваат, Советот на економски мудреци. Во извештајот на овој совет се наведува дека германската економија е сè уште во исклучително лоша фаза.
„Во последно време имаше мала корист од глобалниот економски раст. Американските увозни царини влијаат врз глобалните економски и трговски текови“.
За извозничка нација како Германија, ова се лоши вести, особено со оглед на долгогодишната стагнација на извозот. Американскиот пазар е исклучително важен за германските извозници: извозот во САД изнесуваше 161,3 милијарда евра минатата година, како што неодамна објави Федералниот завод за статистика. Тоа сочинуваше 10,4 проценти од вкупниот германски извоз, што е најголем удел од 2002 година.
Голем број економски експерти ги намалија своите прогнози за економски раст за годинава. Наместо мал раст од 0,4 проценти, како што беше предвидено во годишниот извештај за 2024 година, тие сега очекуваат нула раст. Европската комисија исто така ја намали својата прогноза за Германија претходно неделава, од 0,7 проценти на нула.
Германскиот БДП не би требало повторно да порасне за еден процент до 2026 година. Р.С.