Видеоконференцијата на претседателот Владимир Путин со своите најблиски соработници на која е донесена одлуката за безбедносна „тампон-зона“ / Фото: ЕПА

Реакциите во светската јавност во врска со евентуална „тампон-зона“ по должината на границата меѓу Русија и Украина се различни: од тоа дека „Кремљ нема намера да бара мирно решение на конфликтот“, до тоа дека „Кремљ всушност со тампон-зоната сака да си обезбеди заштита од веќе присутното западно оружје во Украина што има дострел од околу 250 километри, за да не може да биде ракетирана длабочината на руската територија“… За каква иницијатива всушност станува збор?

Идејата за воспоставување т.н. безбедносна тампон-зона на украинското боиште како повод

Рускиот претседател Владимир Путин веќе неколкупати во своите обраќања во јавноста споменува „воспоставување безбедносна тампон-зона“ по должината на границата со Украина. Од јуни 2023 година, претседателот на Русија, Владимир Путин, во своите говори ја споменуваше идејата за „тампон-зона“, најмалку осум пати.
А реакциите во светската јавност во врска со евентуална „тампон-зона“ по должината на границата меѓу Русија и Украина се различни: од тоа дека „Кремљ нема намера да бара мирно решение на конфликтот“, до тоа дека „Кремљ всушност со тампон-зоната сака да си обезбеди заштита од веќе присутното западно оружје во Украина (како на пр. ракетите „сторм шедоу“), кое има дострел од околу 250 километри, за да не може да биде ракетирана длабочината на руската територија“…
За што точно станува збор?

Москва веќе донесе одлука да создаде „неопходна безбедносна тампон-зона“

На состанокот со највисоките руски претставници одржан преку видеоврска на 22 мај, рускиот претседател Путин изјави дека Москва „донела одлука да создаде неопходна безбедносна тампон-зона“ по должината на украинската граница. Според рускиот претседател, „руските сили веќе ги неутрализираат клучните непријателски позиции за да ја направат зоната реалност“.
Токму во врска со оваа изјава на рускиот претседател, руските државни медиуми објавија дека „изјавата на Путин се однесува на регионите Брјанск, Курск и Белгород“, кои се граничат со украинските региони Чернигов, Суми и Харков на североистокот од Украина.

Медведев: Тампон-зона низ цела Украина

Заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, објави видео на кое речиси целата територија на Украина е прикажана како потенцијална „тампон-зона“. Тој малку попровокативно и порадикално истапи во јавноста каде што речиси цела Украина ја претстави како „тампон-зона“. Меѓутоа, според толкувањата на аналитичарите, таквиот настап на заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, не се базира на реални претпоставки, ниту вистина, туку претставува уште една „политичка закачка“, со доза „руски хумор“…
Сепак, во следното соопштение, Медведев напиша дека „целта на воспоставувањето тампон-зона е да го заштити Белгород од западно оружје како што се ракетите ’сторм шедоу‘, кои имаат дострел од околу 250 километри“.
– Русија мора да биде присутна таму: 550 километри плус дополнителни 70 до 100 километри за безбедност – напиша Медведев.
Заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност и поранешен претседател на Руската Федерација, Медведев, во минатото веќе изјавуваше дека „ќе ги заземе Киев и Одеса“, дискутираше сценарија за нуклеарна војна, па дури и имаше изјави дека „руските тенкови би можеле да стигнат до Берлин“.
Украинските власти предупредуваат дека ваквите пораки од Москва (Медведев), особено во време кога руските сили се обидуваат да се пробијат до Харков, претставуваат „јасен сигнал за можна нова фаза на ескалација на војната“.

Тампон-зоната во анализите на Институтот за проучување на војната (ИСВ)

Аналитичарите во Институтот за проучување на војната (ИСВ) во врска со воспоставувањето т.н. тампон-зона истакнаа дека „таквата зона би опфаќала околу 587.459 квадратни километри украинска територија“.
– Руските сили напредуваа во просек по околу 14,3 квадратни километри дневно во Украина помеѓу 1 јануари и 24 мај 2025 година. Со тоа темпо, на Русија ќе ѝ бидат потребни околу 91 година за да ја постигне таа цел – напишаа во својата аналитичка опсервација аналитичарите во Институтот за проучување на војната.
Од друга страна, руските претставници тврдат дека таквата зона може брзо да се воспостави, со оглед на состојбите на теренот и треба да опфаќа не три, туку дури шест украински региони – вклучувајќи ги регионите Днепропетровск, Николаев и Одеса во централна и јужна Украина – а не само пограничните области.
Еден од руските генерали, Виктор Соболев, изјави дека целта е да се стави надвор од дострел украинското оружје со долг дострел, како што е системот ХИМАРС.
– Мислам дека безбедносната тампон-зона треба да ги вклучува граничните области каде што се наоѓаат нашите нови региони, Запорожје и Херсон, односно тоа се делови од черниговската, сумската, харковската, днепропетровската, николаевската и одеската област – ​​рече Соболев. Р.С.


Каква е ситуацијата на теренот на руско-украинското боиште?

Нема руска офанзива, се чека почнување на мировни преговори

Од јануари, и покрај тврдењата на Киев за постоење силна руска офанзива, според западни воени извори, „факт е дека руските сили напредувале околу 0,15 проценти од територијата кон запад“. Податоците покажуваат дека темпото на напредок е забавено – од приближно 125 квадратни километри неделно на крајот на 2024 година на само 41 квадратен километар неделно.
И покрај ова, украински воени извори постојано дигаат тревога во јавноста, предупредувајќи дека „Русија би можела да започне летна офанзива и да се обиде да создаде тампон-зона длабока од 15 до 20 километри во регионите Сумски и Харков“.
Според воените аналитичари, градот Суми е оддалечен само 25 километри од руската граница, а вклучувањето на областа во тампон-зоната би ја ограничило можноста на Киев да извршува артилериски напади и тактички напади со беспилотни летала на руска територија.
Од друга страна, украинските власти велат дека „говорот на Путин покажува дека тој не е сериозен во врска со мировните преговори“. Во еден таков контекст, портпаролот на Министерството за надворешни работи на Украина, Хеорхи Тики, изјави дека „ако треба да има тампон-зона, тогаш таа треба да биде на руска територија“, а министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, изјави дека „зборовите на Путин се изговорени во време кога меѓународните напори се насочени кон постигнување траен прекин на огнот, а се главната причина зошто војната продолжува“. Р.С.