Работата на американската безбедносна агенција под лупа
Повеќе од половина век од атентатот врз американскиот претседател Џон Ф. Кенеди, Тајната служба рутински ги надгледува и ги обезбедува сите градби во близината на големи политички настани за да спречи пукање врз претседателот или врз кој било друг што се наоѓа под нејзина заштита. Но, завчера, лице вооружено со полуавтоматска пушка успеа да се качи на покрив оддалечен околу 140 метри од бината на која поранешниот американски претседател Доналд Трамп се обраќаше на митинг во Батлер, Пенсилванија.
Тоа е еден катастрофален пропуст на службата за обезбедување личности, но и пропуст на хоризонталната комуникација со другите служби за безбедност (локалната полиција), како и пропусти за вертикалната комуникација меѓу непосредно претпоставените и одговорните внатре во Тајната служба.
Токму затоа, Тајната служба сега се наоѓа под засилено внимание поради нејзиниот најголем безбедносен пропуст по обидот за атентат врз претседателот Роналд Реган во 1981 година.
Се истражуваат можни недостатоци при делегирањето на обврските
Тајната служба се соочува и со зголемен притисок да одреди дали посветила доволно ресурси за заштита на поранешниот претседател, кој е и актуелен кандидат за претстојните претседателски избори во САД. Пропустите што се констатирани се толку големи, што во експертската јавност се родија сомнежи дека „пропустите од Тајната служба се направени со умисла (намерно) и тоа трае веќе подолго време при обезбедувањето на Трамп“.
Меѓу прашањата за кои водечките луѓе на агенцијата бараат одговори е и дали дошло до прекин на комуникацијата на Тајната служба со локалната полиција во Батлер, чии припадници биле назначени за обезбедување на местото на кое вооружениот напаѓач се позиционирал.
Актуелниот американски претседател Џо Бајден истакна дека упатил барање до Тајната служба да ги преиспита сите безбедносни мерки за националната републиканска конвенција што неделава ќе се одржи во Милвоки, како и оти наредил независна истрага за безбедноста на митингот на кој беше застрелан Трамп.
Претставниците на Демократската и на Републиканската партија во САД бараат одговорност од директорката на Тајната служба, Кимберли Читл, за одлуките што допуштиле спроведување на клучните обврски од локалните полициски службеници. Згора, експертите и водечките безбедносни функционери во САД изразиле шок поради, како што велат, очигледниот безбедносен пропуст на агенцијата да направи безбедносен план за митингот на Трамп во време на зголемена национална поларизација. Се укажува и оти Тајната служба со години се соочувала со зголемен притисок поради недостигот од кадар и постојаните безбедносни пропусти.
Од Тајната служба за „Вашингтон пост“ укажале дека е вообичаена пракса да се побара од локалната позиција да ја обезбеди локацијата на јавни настани што вклучуваат претставници на власта. Но одредени експерти истакнаа дека вклучувањето на локалната полиција создава ризици, бидејќи нема исто ниво на обука како агентите на Тајната служба.
Истовремено ФБИ врши истрага за обидот за атентат врз Трамп, чиј извршител е идентификуван како 20-годишниот Томас Метју Крукс, кој беше убиен на местото на инцидентот. Специјалниот агент на ФБИ, Кевин Роџек, смета дека е изненадувачки што напаѓачот успеал да отвори оган врз бината пред да биде усмртен од снајперист на Тајната служба.
Тајната служба е подготвена за конвенцијата во Милвоки?!
Претставниците на градските власти на Милвоки и на Тајната служба во пресрет на четиридневната национална конвенција на Републиканската партија, која ќе се одржи неделава, се обидуваа да ја уверат јавноста дека настанот ќе биде безбеден, додека пристигнуваа партиски претставници, но и илјадници демонстранти за најавен протест во близината на местото на собирот на републиканците.
Претставничка на Републиканската партија задолжена за координација со Тајната служба истакна дека агенцијата е подготвена за националната републиканска конвенција во Милвоки.
– Не предвидуваме промени на нашите оперативни безбедносни планови за настанот – истакна Одри Гибсон-Цичино од Тајната служба, наведувајќи дека „агенцијата е подготвена“.
Милвоки важи за неконвенционален домаќин на конвенцијата, на која е предвидено ново обраќање на Доналд Трамп. Тоа се должи на недостигот од капацитети за хотелско сместување, при што градот со околу 560 илјади жители е ненавикнат да одржува големи собири, како што пишува „Њујорк тајмс“. Згора Милвоки сега се соочува со дополнително внимание по обидот за атентат врз Трамп изминатиот викенд. Р.С.
Каков вид оружје е пушката со која беше извршен атентатот на Трамп?
„АР-15“ – едно од најпопуларните и најсмртоносни огнени оружја во САД
Атентатот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп со користење полуавтоматска пушка уште еднаш илустрира колку е лесно во САД да се дојде до евтино и лесно за употреба оружје. Националната асоцијација за оружје (НРА) ги промовира пушките за рекреативно вежбање на цели и за лична самоодбрана. Но каков вид оружје е пушката со која беше извршен атентатот на Трамп?
Пушката „АР-15“ е едно од најпопуларните огнени оружја во САД. Станува збор за полуавтоматско оружје, што значи дека може брзо и последователно, без мануелно репетирање на пушката, да истрела повеќе куршуми. Набавката на овој вид оружје е релативно лесна, во зависност од сојузната држава во која се продава.
Според експертите, пушката „АР-15“ испукува куршуми што движат со тројно поголема брзина од оние испукани од пиштол. Испуканите проектили се прецизни на долги растојанија и со специфична способност да предизвикаат разорни рани на меките ткива и внатрешните органи.
Критичарите на овој вид оружје велат дека нивниот смртоносен потенцијал значи дека не треба да се најдат во рацете на цивили.
Овој вид оружје е користено и при неколку масовни оружени напади во САД.
Анкета на „Вашингтон пост“ спроведена минатата година открива дека речиси секој 20-ти возрасен Американец поседува барем една пушка „АР-15“. Оружјето беше забрането во 1994 година, но ограничувањето беше укинато во 2004 година под притисок на Националната асоцијација за оружје (НРА). Р.С.
Мотивите на атентаторот или евентуалната поврзаност со некоја „подземна“ групација остануваат непознати
Извршителот на неуспешниот атентат врз Доналд Трамп е идентификуван како Томас Метју Крукс (20). Тој, од покрив во близина, пукаше врз Трамп од полуавтоматска пушка „АР-15“, при што го рани поранешниот американски претседател во десното уво, за време на негов говор на предизборен митинг во Батлер, Пенсилванија. Во оружениот напад, Крукс убил еден, а тешко ранил уште двајца од присутните на митингот, пред и самиот да биде застрелан и усмртен од Тајната служба. Истрагата на ФБИ за атентатот е во тек, а мотивацијата на извршителот засега останува непозната. Пушката што ја користел Крукс била легално купена од страна на неговиот татко. Официјалните податоци велат дека Крукс бил регистриран член на Републиканската партија, при што гласал само еднаш, во 2022 година. Р.С.