Бројот на жртвите по најсилниот тајфун што годинава ги погоди Филипините се искачи на 389, а 64 лица се уште се водат како исчезнати, објави Националната агенција за катастрофи.
Повеќе од четири милиони луѓе во централните и јужните провинции се погодени од тајфунот Раи, вклучувајќи и 570.906 кои се раселени. Раи нанел штета на приватни и јавни објекти, како и на земјоделско земјиште во вредност од 441 милион долари, проценуваат од Агенцијата за катастрофи.
Тајфунот Раи на 16 декември го опустоши источниот брег на Филипините, урна куќи, оштети згради и јавна инфраструктура, корнеше дрвја и предизвика поплави и лизгање на земјиштето. Оштетени се и електричните и комуникациските водови во најзагрозените области, а многу области се очекува да добијат струја дури во јануари.
Една од тешко погодените области е централната провинција Бохол, која пријавила 109 смртни случаи, дадека пак провинцијата Себу известила за најмалку 96 мртви.
Тимовите на брзата помош и хуманитарните работници ја споредуваат штетата на „Раи“ и „Хајан“, најсилниот тајфун што некогаш ги погодил Филипините. „Хајан“ во ноември 2013 година убил 6.300 луѓе , а повеќе од четири милиони луѓе биле раселени.
Филипинскиот архипелаг во просек секоја година го погодуваат 20 тропски циклони.