Институциите на ЕУ обвинети за цензура и тешки манипулации со основниот принцип на демократијата – слободата на говорот
На компанијата на Илон Маск, според изјава на сопственикот, ѝ било понудено (таен договор од страна на Европската комисија) да цензурира (да не објави, скрати, видоизмени, игнорира…) одредени објави, а за возврат, таквиот чин да не биде санкциониран според правилата на ЕК. Уште поконкретно, Брисел да прогледа низ прсти и компанијата (што цензурира) да не ја добие пропишаната парична казна (од ЕК) доколку „се цензурира нешто што не му оди во полза на Брисел“
Сериозните обвинувања, од сериозни лица, според наши соговорници, „во голема мера го здебелуваат досието на основи на сомневања кон ЕУ за принципиелноста и доследноста на Унијата по многу елементи“. Еден од таквите елементи е начинот на кој во Брисел се носат одлуките, како принципот на консензус, во однос на проширувањето. Иако навидум демократски, се чини дека во практика таквиот начин на одлучување во голема мера остава простор за ултиматуми и тајни договори
Во документ на Европската Унија, со преговарачката рамка за Македонија (т.н. француски предлог), во која се вградени соседските договори со земји членки на ЕУ, експертите тврдат дека и нам Македонците, во контекст на темата за манипулации и цензури на слободата на говорот, „практично ни е ограничена слободата на говор за самоидентификација и самоименување пред институциите на Унијата“…
Еден од клучните елементи на демократијата и демократските општества е секако слободата на говор. Во Европската Унија секогаш истакнуваат дека токму нејзината принципиелност во однос на слободата на говор, како нераскинлив дел од владеењето на правото е она што ја прави клучната разлика меѓу високоразвиените демократии и оние што се стремат да ѝ се приклучат на ЕУ, настојувајќи да ги достигнат нејзините вредности, а особено што се однесува до слободата на говорот, слободата на медиумите и цензурата.
Владата на ЕУ јавно обвинета
Неодамна, Европската комисија (Владата на ЕУ) беше јавно обвинета дека нудела „илегален таен договор за ограничување (на слободата) на говорот. Ова тешко обвинување гласно го објави сопственикот на социјалната мрежа Икс (поранешен Твитер), Илон Маск, кој тврди дека освен неговата компанија, другите социјални мрежи ја прифатиле понудата од Европската комисија. Тој во објава на мрежата Икс вели дека на компанијата ѝ било понудено (таен договор) да цензурира објави, а за возврат тоа да не биде санкционирано според правилата на ЕК, односно ЕУ да прогледа низ прсти и субјектот да не ја добие пропишаната парична казна (од ЕК) доколку цензурира нешто што не оди во полза на Брисел.
– Европската комисија му понуди на Икс незаконски таен договор: ако тивко го цензурираме говорот без да му кажеме никому, тие нема да нè казнат. Другите платформи го прифатија тој договор. Икс – не!!! – напиша Маск.
Кој подготвува тајни договори, а декларира принципиелност и доследност во ЕУ?!
Од Европската комисија, во однос на јавните обвинувања на Маск и од неговата платформа Х за понуда за „таен договор за цензура“, официјално одговараат дека „социјалната мрежа прави повеќе прекршоци и за тоа мора да биде казнета“.
– Според нашето мислење, Икс не е во согласност со ДСА (акт на ЕУ за дигитални услуги) во клучните области на транспарентност. Ги доведува во заблуда корисниците, не обезбедува соодветно складиште за реклами и го блокира пристапот до податоците за истражувачите. Тоа е првпат да издаваме прелиминарни наоди според Законот за дигитални услуги – пишува Маргарет Вестагер, извршна потпретседателка во ЕУ, одговорна за дигитална ера и комесарка за конкурентност.
Без оглед на деталите во спротивставените аргументи во спорот меѓу платформата Икс на Илон Маск и Европската комисија, ваквите јавни обвинувања за цензура од страна на релевантни личности и субјекти во дигиталната сфера за институциите на ЕУ, во голема мера го „здебелуваат“ досието на сомневања за принципиелноста и доследноста на Унијата во начинот на кој ги носи одлуките, како принципот на консензус во однос на проширувањето. Иако навидум демократски, се чини дека во практика таквиот начин на одлучување во голема мера остава простор за уцени и тајни договори и некој би можел да го искористи тоа. Но во чија полза?
Во историјата никогаш немало повеќе цензура отколку сега
Во разговор со повеќе наши соработници, професори и високи интелектуалци се подвлекува дека „повеќе примери од најблиското минато, само во последниве десетина години, на кои сме сведочеле како современици, укажуваат на вештината во ЕУ-структурите да ги релативизираат и превртат принципите и вредностите на кои се гордеат и кои им ги удираат на нос на сите што се надвор од Унијата“.
Соговорниците ни прават една паралела и аналогија со актуелнава тема.
Конкретно, според нив, Македонија, дваесетина години со невидени национални жртви во постоењето на ЕУ, никако не успева да го фати чекорот во променливоста на условните критериуми само за почеток на преговорите за членство во Унијата. Самата Унија, пак, ги релативизира и погазува своите принципи во интерес на задоволување на анахроните амбиции на своите членки, секогаш аргументирајќи со принципот на консензус во одлуките за проширување. Во меѓувреме, со „чудесна досетливост“, тој принцип беше релативизиран со испраќање на кафе на унгарскиот премиер Орбан, за да не биде доведен во позиција да се изјаснува за почетокот на преговорите на Украина.
Всушност со документ на Европската Унија, со преговарачката рамка за Македонија (т.н. француски предлог), во која се вградени соседските договори со земји членки на ЕУ, нам Македонците практично ни е ограничена слободата на говор за самоидентификација и самоименување.
– Непринципиелноста и недоследноста во актуелниот геополитички неолиберален контекст некако стана вообичаена практика. Особено во меѓународни организации, како Европската Унија, кои се претставуваат како носители на демократските вредности. Ист е случајот и со цензурата. Кога се релативизираат принципите на демократијата во носењето одлуки, некако логично е тоа да се рефлектира во сите нејзини елементи, па и во слободата на говор. Се чини дека никогаш во историјата, од средниот век (кога цензурата била закон), немало повеќе цензура од денес. И таа цензура е навидум суптилна, сугестивна, оправдана со „заштита од малигни влијанија“, но имаме ситуација на „црни екрани“ и ограничувања за одредени дигитални платформи за медиуми што не се во согласност со некоја евроцентрична агенда. Без оглед на оправдувањата за таквите постапки (малигно влијание), тоа сепак е ограничување на слободата на говор. А многу брзо од ограничена слобода на говор се преминува во состојба на загрозена слобода на мислење – вели историчарот Александар Литовски, кој наведува дека кога се носат одлуки од позиција на сила и уцени, не може да има принципиелност во која било меѓународна организација, колку и да ги истакнува своите принципи, стандарди и вредности.