Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека наскоро ќе разговара со саудискиот принц Мухамед бин Салман за тоа дали Саудиска Арабија ќе сноси последици поради убиството на новинарот Џамал Кашоги.
Трамп истакна дека за тоа прашање првенствено ќе се консултира со американскиот Конгрес.
Американскиот претседател минатата недела повеќе пати изјави дека е против какви било ситуации кои ќе го доведат под знак прашалник договорот за продажба на оружје на Саудиска Арабија, вреден над 100 милијарди долари.
Трамп во петокот изјави дека верува во саудиската верзија на настанот односно дека Кашоги е убиен во тепачка со повеќе од 10 саудиски агенти. Но, тој во саботата го смени ставот и за „Вашингтон пост“ изјави дека саудиската верзија е „лаги и завери“.
Претходно, германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека додека трае неизвесноста на судбината на новинарот Кашогу, Германија нема да дозволи извоз на оружје за Саудиска Арабија.
– Прво, го осудуваме овој чин на најстрог можен начин. Второ, неопходно е брзо да се разјасни што се случило – далеку сме од тоа дека случајот е разјаснет и дека извршителите одговараат за тоа што го направија, посочи Меркел.
Таа додаде дека извозот на оружје за Саудиска Арабија „нема да се случи под моменталните околности“.