Слика од улиците на Франкфурт деновиве / Фото: ЕПА

Германија

Во Германија, според процените за 2022 година направени од Федералната работна група за помош на бездомниците (БАГ В), има 607.000 луѓе без постојан покрив над главата. Од нив, околу 50.000 живееле на улица без никакво сместување. БАГ В е германска национална чадор-организација за обезбедување итни услуги за сместување. Но Федералното биро за статистика регистрира само лица што имаат некакво сместување и станува збор за 372.060 лица. Разликата во однос на статистиката на Сојузниот завод за статистика лежи во начинот на броење на бездомниците. БАГ В бележи бројки за цела година, но го брои и скриеното бездомништво. Значи и оние луѓе без сопствен стан, кои спијат во домовите на пријатели, кај членови на семејството или кај други странци.
– Бездомништвото е сериозен социјален проблем. Главната причина е што има премалку станови за кои луѓето можат да плаќаат кирија – изјави Верена Розенке, извршна директорка на Федералната работна група за помош на бездомниците, во разговор за „Дојче веле“.
Според неа, работите никогаш не требаше да дојдат до таа точка. Таа се залага за подобра превенција за да се спречи луѓето да го загубат станот. Како што појаснува Розенке, многу луѓе дури и не знаат дека можат да аплицираат за станбен надоместок или како да аплицираат за социјална помош. Во Германија постојат многу мерки што би можеле да го спречат бездомништвото, кои се брзи и воопшто не се прескапи.
Објектите на црковните заедници во Германија се местата каде што бездомниците привремено наоѓаат топло место за престој. Едно од тие места е црковното предворје на заедницата Табор во Берлин. Овде на бездомниците им се дели и топол оброк. Црквата веќе 30 години им нуди места за спиење на бездомниците еднаш неделно. Во предворјето на црквата во просек ноќеваат околу четириесет луѓе. Понекогаш има и шеесет бездомници. Двајца лекари волонтери се грижат за повредени или болни лица.
Сабине Албрехт, парохиски свештеник на заедницата Тарбор, забележува дека некои од нив се во многу лоша форма. Многумина доаѓаат од Источна Европа, некои дури и работат во лоши работни услови. Неколку од нив, вели, имале проблеми со зависноста, биле жртви на насилство и имаат психички болести.
– Синдромот на помошник не помага. Мора да бидете цврсти и да не го сфаќате тоа лично – вели Албрехт, на прашањето како се соочува со овие лица.
Маргот Мозер, 79-годишна жена, која и самата се соочувала со егзисетнцијални проблеми во Германија, помага заедно со уште 20 лица, во прифатниот центар за бездомници.
– Луѓето прават грешки и се вселуваат кај некого, се откажуваат од својот стан, потоа сѐ е готово, и тие се на улица. Тие што денеска ќе го изгубат станот тешко доаѓаат до нов во скоро време – објаснува таа.