Светската здравствена организација побара од Кина повеќе информации за недијагностицираното воспаление на белите дробови кое наводно се шири меѓу децата во северниот дел на земјата и ги повика кинеските здравствени власти да преземат мерки за намалување на преносот на болеста.
Независните кинески медиуми објавија дека наводно детските болници во делови од земјата се полни со болни деца. Кинеските власти го припишуваат порастот на болестите слични на грип на укинувањето на мерките против коронавирусот – објави „Би-би-си“.
Во северна Кина, во октомври е забележано зголемување на случаите на симптоми слични на грип споредено со истиот период во изминатите три години.
Кинеските власти минатата недела објавија дека има зголемување на респираторните заболувања низ целата земја – особено грип, корона, пневмонија предизвикана од микоплазма, честа бактериска инфекција што ги погодува малите деца и респираторен синцициски вирус (РСВ).
Други земји, вклучувајќи ги Велика Британија и САД, забележаа сличен пораст на заболувања слични на грип по укинувањето на мерките против коронавирусот.