Од почетокот на воениот конфликт регистрирани се повеќе од 80 напади врз здравството во Украина, изјави денеска директорот на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејесус.
– Огорчени сме што продолжуваат нападите врз здравството. Од почетокот на инвазијата на Русија, имаше 82 напади врз здравството, што резултираше со најмалку 72 смртни случаи и 43 повредени, вклучувајќи пациенти и здравствени работници. Нападите врз здравството се кршење на меѓународното хуманитарно право и мора веднаш да прекинат – изјави денеска Тедрос.
Мајк Рајан, директор на Програмата за итни здравствени ситуации на СЗО, рече дека постои голема разлика меѓу проблемите со пристап до здравствена заштита за време на конфликти и конфликти кои се активно фокусирани на здравството.
– Постои многу голема разлика помеѓу таа ситуација и ситуацијата во која на населението активно му се ускратува пристап до здравствена заштита, каде што навистина отсекувањето на луѓето е дел од тактиката. Тоа е дел од воената стратегија – рече Рајан.
– Тоа не се луѓе фатени во магла на војната. Тоа не се луѓе кои се само погодени од конфликтот. Тоа се луѓе кои се директни цели и се користат како стратешки алатки, како шаховски фигури на ужасна, убиствена табла на која немаат право ниту потреба да бидат – додаде тој.