Кинескиот претседател Си Џинпинг и неговиот руски колега Владимир Путин целат на обликување на нов светски поредок по дводневната посета на кинескиот лидер на Москва, пишува „Ројтерс“.
„Сега се случуваат промени што не се случиле за 100 години. Кога сме заедно, ние ги поттикнуваме овие промени“ му порача Си на Путин на заминување од Русија, на што рускиот претседател се согласи, пред кинескиот лидер да му каже „чувај се драг пријателе, те молам“.
– Светот повторно е поделен во конкурентски сфери на источна и западна моќ, но дали станува збор за нова Студена војна или за подгреани остатоци од претходната? Одговорот е, по малку од двете – пишува Рафаел Бер во неговата колумна насловена „Западната демократија е послаба во оваа нова Студена војна, отколку во претходната“ за британски „Гардијан“.
Си и Путин се ословуваа како драги пријатели, ветија економска соработка и ги опишаа односите меѓу нивните држави како најдобри досега.
– Си даде силен приказ на солидарност со Путин против Западот, но речиси и да не го спомна конфликтот во Украина, истакнувајќи дека Кина има непристрасна позиција. Немаше ниту назнака дека обидите на Си да биде миротворец донеле резултати – наведува „Ројтерс“.
Не е јасно дали Кина и Русија навистина формираа своевидна антиамериканска коалиција, од која долго стравуваа американските политичари, наведува „Си-ен-ен“.
– Извесно е дека САД, сепак, се соочуваат со сериозен предизвик во надворешната политика. САД симултано се подготвуваат за ситуација за која многумина експерти предупредуваат оти може да прерасне во Студена војна со Кина и на водење на прокси-војна во Украина, со непријателот што е верзија од 20-от век на таквата пресметка. А Кина и Русија заедно имаат поголем капацитет за фрустрирање на американските цели во Украина и на други места – се вели во анализата на американската телевизиска мрежа.
Се додава дека Путин и Си се обединети врз основа на клучен приоритет во надворешната политика – дискредитирање и демонтирање на светскиот поредок за кој тие веруваат дека е изграден врз лицемерноста на Западот, што ним им ја ускратува почитта што ја заслужуваат како големи светски сили.
Според националната безбедносна стратегија на американскиот претседател Џо Бајден, Кина е единствениот конкурент на САД со економска, дипломатска, воена и технолошка моќ за реобликување на светскиот поредок.