Фото: Принтскрин

Канцеларот на Германија, Фридрих Мерц на отворањето на Минхенската безбедносна конференција истакна дека во моментот се урива светскиот поредок заснован на правила.

– Заедно, влеговме во ера, која повторно е многу отворено обележана од моќта и политиката на големите сили. Пред сè, го гледаме насилниот ревизионизам на Русија, нејзината брутална војна против Украина, против нашиот политички поредок со секојдневни сурови воени злосторства. Значи, ова е само најпроницливиот израз што го гледаме секој ден. Гледаме и други настани во светот кои се разликуваат од она што често го дискутиравме во оваа просторија – наведе Мерц.

Тој посочи дека Кина сака да биде лидер во обликувањето на светот и оти за тоа се подготвувала со години. Според Мерц, во догледна иднина, Пекинг би можел да биде на рамноправна основа со САД во воена смисла.

– Кина систематски ги користи туѓите зависностите и го редефинира меѓународниот поредок во своја корист. Ако по падот на Берлинскиот ѕид постоел униполарен момент, тој одамна е поминат. Правото на САД на лидерство е оспорено и веројатно изгубено. Враќањето на политиката на моќ, сепак, не е само вкоренето во соперништвото меѓу големите сили, туку е и одраз на немирни, вознемирени општества во време на револуционерни промени. Тоа е израз на желбата, исто така и во многу демократски држави, за силно лидерство во глобализираниот свет во кој особено демократските држави се приближуваат до границите на нивната способност за дејствување – посочи Мерц.

Додека премиерот на Баварија и лидер на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) Маркус Зедер на Минхенската безбедносна конференција наведе дека светот без трансатлантски врски е незамислив.

Претседавачот со Конференцијата, Волфганг Ишингер наведе дека на трансатлантското партнерство и е потребна силна Европа, а тоа ќе се постигне ако се обединат европските нации повеќе отколку во минатото.

Според него Минхенската безбедносна конференција никогаш порано не се соочила со толку истовремени фундаментални предизвици и крвави војни во Европа и низ целиот свет.